Македонија на 10 место во светот во извештајот „Дуинг бизнис“ за 2019


       
Скопје, 31 октомври, 2018 - 16:41 (META) 

Светска банка, во извештајот „Дуинг бизнис“ за 2019 година, ја рангира Македонија на високото 10 место во светот, односно на петто место во Европа според условите за водење бизнис во конкуренција од 190 земји, информираат од Министерството за финансии. Во однос на претходната година, позицијата на Македонија е подобрена за едно место.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека за бизнисот е важно подобрувањето на регулативата која го забележува овој извештај, но уште поважни се политиките кои ги спроведува Владата за фер третман на фирмите.

– За разлика од порано, не постојат политички притисоци врз бизнис-секторот. Повратот на ДДВ се врши технички без селективност и брзо. Имаме поддршка за домашните бизниси. Ова покажува дека за нас е битно приватниот сектор да има еднакви и фер можности за да оди напред. Работиме и на регулативата за поповолна клима за инвеститорите. Она што е многу важно за инвеститорите се преспективите за приклучување кон ЕУ и НАТО. Интеграција на земјата во НАТО заедно со добро рангирање на „Дуинг бизнис“ ќе биде најголема поддршка и придонес за пододбрување на привлекувањето на инвестиции во Македонија – рече Тевдовски.

Во извештајот „Дуинг бизнис“ за 2019 година Македонија е посочена како една од земјите кои во континуитет работат на подобрување на деловното окружување. Притоа, особено се истакнати преземените мерки околу издавањето на дозволи за градба, односно намалувањето на таксите за дозволи за градба.

Македонија е најдобро рангирана во индикаторот „заштита на малцински инвеститори“, каде е позиционирана на седмо место во светот, а висок ранг има и кај индикаторите „пристап до кредити“ (12 место), како и „условите за дозволи за градба„ (13 место).

Оценувањето за Извештајот се однесува на периодот средина на 2017 до 1 мај 2018, а се базира на информации добиени од државните институции и приватниот сектор.