fbpx

Македонија ќе биде општество на еднакви граѓани, порача Заев од осмомартовскиот марш

-

„За рамноправност – за живот“ беше мотото на осмомартовски марш што денеска го организираше форумот на жени на СДСМ во Гевгелија.

На маршот, што почна од булеварот Гевгелија сè до улицата 7 Ноември во центарот на градот, се обратија лидерот на партијата, Зоран Заев, генералниот секретар, Оливер Спасовски, и координаторката на форумот, Цветанка Ласкова.

– Сите овие години се бориме рамо до рамо, но вие бевте тие кои нè мотивиравте, вие бевте тие кои го водевте орото напред и, еве, сега сме исправени да направиме промена на власта. Ги дочекавме промените. Од 120 мандати, 67 мандати имаме зад нас и еве нè пред формирање влада. И мајката, не сакаат власта да ја предадат, банални изговори изнаоѓаат како само и само власта да не ја предадат, а сакаме со убаво, сакаме со убаво затоа што малкумина сме, роднини паѓаме, толку ни е Македонија. Ајде денеска уште еднаш да испратиме порака со лесно, но пред сè и со убаво, да направиме промена на власта – рече Заев.

Тој истакна дека демократските процеси се почнати и дека Македонија ќе биде општество на еднакви граѓани и оти тоа никој повеќе не може да го спречи.

– Со партиите со кои го обезбедивме парламентарното мнозинство сме согласни. Ќе поттикнеме секој правен субјект да мора да има синдикат што ќе ги штити правата на работничките и на работниците. Ќе обезбедиме државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи, со што ќе овозможиме жените да водат сопствени бизниси. Ќе овозможиме вработувања на жените во руралните средини и поддршка за жени – фармери. И ова да се однесува на сите жени во Македонија – рече Заев.

Тој истакна дека во Македонија ќе има флексибилно работно време за самохрани родители, што ќе се воведе во првите шест месеци од мандатот. Еднородителските семејства со плата пониска од просечната, ќе се ослободат од јавните давачки како што се такса, јавен превоз, општински комунални давачки. Потоа, дека нема да плаќаат надомест во градинка и во основно училиште. Наведе и дека законски ќе се регулира враќањето на жените на истото работно место по породилното отсуство. Работа на градинките во две смени и работа на клучните државни институции до 20 часот, како и државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи.

Оливер Спасовски во својот говор рече дека од маршот во Гевгелија, заедно испраќаат порака на единство и за одлучност.

– Жените биле и ќе бидат дел од општествените промени што ќе ја направат Македонија одлично место за живеење, за сите, без разлика на вера, без разлика на националност, без разлика на политичка припадност. Македонија за сите, Македонија во којашто секој е важен – рече Спасовски, додавајќи дека нема праведно и еднакво општество ако жените се обесправени и нееднакви.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...