Македонија и Словенија ќе ја унапредуваат економската соработка


       
Скопје, 4 април, 2018 - 13:06 (META) 

Македонија и Словенија се пријателски земји кои имаат добри традиционални врски во сите области. Економската соработка исто така е традиционална добра и има многу голем потенцијал да се унапреди.
Ова го порачаа на денешниот Македонско-словенечки бизнис форум премиерите Зоран Заев и Миро Церар, нагласувајќи дека размената меѓу двете земји до 2020 може да достигне до половина милијарда долари.

– Пријателството се гради полека и постојано и затоа е важно меѓу Словенија и Македонија да го градиме секој ден преку сите области преку кои добро соработуваме – порача Церар.

Оцени дека има големи можности за проширување на соработката на планот на енергетиката, туризмот, екологијата, прехранбената индустрија, металопреработувачката.

Премиерот Заев ги повика словенечките компании да ги искористат традиционалните врски кои можат да дадат придонес во развојот и унапредување на соработката.

Тој ги пвика да учествуваат во тендерите што ќе следат во делот на патната инфраструктура каде се обезбедени големи средства, потоа во делот на пречистителни станици, изградба на регионални депонии и во делот на енергетиката.

Словенија е петта земја по инвестиции во Република Македонија.

Соња Шмуц од словенечката Стопанска комора оцени дека Словенија е еден од најголемите инвеститори во Република Македонија и оти тие се стабилни, бидејќи доаѓаат и тука остануваат да работат.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески словенечките инвестиции се значајни во Македонија и тие придонесуваат за развој и раст на македонската економија.

Според него, Република Словенија е земјата која од осамостојувањето не ги напушти релациите со Македонија.