fbpx

Мајката на Тамара: Сите ќе ве стигне божјата правда

-

Со солзи во очите и со црвени картони во рацете, родителите на малата Тамара Димовска денеска ја предводеа колоната од неколку стотици граѓани кои бараа одговорните за смртта на девојчето да си поднесат оставка.

Протестниот марш почна точно напладне пред зградата на Фондот за здравствено осигурување, од каде што ечеше звук на срце кое престанува да работи.

На присутните им се обрати новинарот Огнен Јанески, кој беше еден од организаторите на протестот. Тој порача дека нема да се откаже и заедно со родителите на Тамара и со граѓаните ќе ја бара правдата.

Маршот продолжи низ центарот на градот, низ улицата Македонија, до вториот објект на ФЗО. Зборуваше Здравко Савески од здружението „Солидарност“, кој кажа дека здравството во Македонија е најлошо во Европа и дека редно време е министерот за здравство да си поднесе оставка. Поворката продолжи кон Министерството за здравство. Улиците беа претесни за да ги соберат сите граѓани. Одејќи, протестантите ги повикуваа граѓаните да им се приклучат, извикувајќи  „Сите сме Тамара“, „И вие имате деца“, „Дојдете со нас“…

Пред објектот на Министерството, имаше една минута молк, а потоа се обрати мајката на Тамара. Таа им се заблагодари на сите присутни за поддршката и за присуството, а на вработените во Министерството, кои срамежливо ѕиркаа од прозорците, им порача:

„Вие ја потпишавте смртната пресуда за Тамара. Рековте дека не чувствувате одговорност затоа што вашите деца се живи и здрави, но моето не е. Поради вас, едното си замина горе, кај ангелите, а другото сè уште чека ваш потпис. Денеска кога тргнував од Велес, прочитав дека родителите биле одговорни за смртта на Тамара, не сме ја лечеле добро. Па, јас не сум доктор! Три години ве молев да ме примите, а вие три дена по смртта на моето дете ни испративте решение за операција. Министре Тодоров, да не излажавте дека ФЗО ќе ја покрие целата операција, Тамара сега ќе беше излекувана, со парите што ќе ги соберевме од донации. Постои божја правда и се надевам дека ќе ве стигне сите.“

На протестот на граѓаните им се делеа и катрички на кои има слика од Тамара и место за порака до министерот Тодоров. Секој граѓанин што доби таква картичка, требаше да напише порака до Тодоров, да ја фотографира, да ја твитне, а потоа по пошта да ја испрати до министерот, на адресата која е напишана на задната страна од катричката.

На почетокот на протестот, стигна информација дека Маја Паранџиева-Змејкова, директорката на ФЗО си поднела оставка, а неполн час потоа, оставка си поднел и директорот  Џемали Мехази.

На крајот на протестот, присутните извикуваа „Ќе се вратиме“.

 

транспаренти пред МЗ
Транспарентите и црвените картони останаа да лежат на улицата пред Министерството

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...