Мајхошев: Социјалниот дијалог сведен само на ССМ и ОРМ


       
Штип, 6 септември, 2018 - 13:44 (META) 

Законот ги елиминира шансите други, помали синдикати и организации на работодавачи да ја водат синдикалната борба, поради превисоките критериуми за репрезентативност. Според важечките, социјалниот дијалог во државата се води на ниво на само две организации: Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и тоа треба да се смени, вели професорот Андон Мајхошев  од Правниот факултет во Штип.

Својот став Мајхошев го базира на пребројувањето и истражувањето за синдикалните организации и организации на работодавачи. Тој порачува дека мора да се смени законот за работни односи за да се овозможи и помалите организации да се вклучат во социјалниот дијалог.

– Ова пребројување е со цел да се види кои синдикати и кои организации на работодавачи имаат право да се вклучат во колективното договорање и можат да бидат  потписници на колективните договори, но и да бидат партиципиенти во колективните тела во Република Македонија, каде се одвива социјалниот дијалог. Заклучокот е дека  Законот за работни односи мора да се менува во критериумот на репрезентативност, бидејќи  репрезентативен статус имаат стекнато само ССМ и ОРМ.  Критериумите треба да се намалат, а сегашниот цензус од 10 отсто, треба да се спушти на понизок процент (5, 7, 8%), со цел да им се даде шанса и на останатите помали синдикати да бидат играчи во социјалниот дијалог. Истото важи и за организациите на работодавачите – изјави Мајхошев.

Професорот, кој е поранешен регионален синдикален претставник на ССМ, истражувањето го работел за меѓународната  конференција, која денеска почна во Штип.  На конференцијата на Правниот факултет, насловена „Општествените промени во глобалниот свет“ учествуваат научници од Русија, Македонија, Турција, Србија, Бугарија, Хрватска, Косово, БиХ и Полска.