!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЛП: Повикот на Груевски за „народот“ да ја брани државата е опасна манипулација


       
Скопје, 20 март, 2017 - 13:40 (META) 

Повикот на Груевски за „народот“ да ја брани државата со излегување на улиците е неодговорна и опасна манипулација токму со народот, оценува Либералната партија, а во врска со синоќешното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за „Канал 5“.

„Народот може да биде сигурен дека државата ќе опстане и ќе се развива само ако институциите добро и одговорно работат. Затоа сметаме дека повикот до народот е контрапродуктивен, против вистинските интереси на тој народ, а е одраз на фактот што ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија нема вистинска концепција како да се води и да се развива државата и што да му се понуди на народот“, стои во соопштението.

Од Либералната партија сметаат дека посетата на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јохане Хан, „овојпат треба да се искористи со конкретни оценки и предлози од страна на партиите што ќе се среќаваат со него“.

„Тие предлози треба да содржат конкретни решенија, на пример, како да се спроведе Извештајот на Прибе и како институциите да се вратат и да дејствуват во рамките на Уставот и законите, а во интерес на сите граѓани на земјата“, велат од ЛП.

Оттаму порачуваат дека на еврокомесарот треба да му биде кажано дека и покрај неспорната заинтересираност на Европската Унија да помогне, без забрзување на процесот на вклучување на Македонија во Унијата, тоа нема да успее.

„Во користењето „стап и морков“, ЕУ користи само „стап“, но нема „морков“. Затоа, Либералната партија бара од партиите што ќе се сретнат со Хан да инсистираат надлежните институции во ЕУ што побргу да донесат одлука за почеток на преговори за полноправно членство на Македонија во ЕУ“, нагласуваат од ЛП и додаваат дека „брзото решавање на политичката криза во Македонија, ќе го ослободи целиот регион од сегашниот опасен тек на настаните и од реалните грижи и стравувања“.