Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во соработка со Македонската спортско-качувачка федерација ќе го промовира авантуристичкиот туризам во земјава преку спортското качување.
За подобрување на условите на качувачките локалитети кај Матка, Маврово и кај Кадина во близина на Скопје, поставени се добро оклинчени спортско-качувачки насоки и сидришта, обележани и лесно достапни за секого.
„Туристичките трендови се во прилог на Македонија и на регионот, а создавањето и одржувањето на локални продукти се квалитетен и автентичен начин да се промовира уникатното од земјите. Туристите кои практикуваат авантуристички туризам се почитувани патувачи и се многу повредни за лакалната економија. Важен е податокот дека 74 проценти од финансиските средства кои ги трошат остануваат кај локалното население, за разлика од другите туристите кои патуваат организирано“, изјави директорот на АППТ, Александар Донев.
Според претседателот на Македонска спортско-качувачка федерација, Владимир Трповски, спортските качувачки клубови имаат активни членови со професионални инструктори на вештачки и на природни карпи.