Лидерите од Западен Балкан во Трст го усвоија Акцискиот план за економска интеграција


       
Трст, 12 јули, 2017 - 21:16 (META) 

Шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, денеска на Самитот во Трст го усвоија повеќегодишниот Акциски план за регионален економски простор на Западен Балкан наречен МАП (Multi-annual Action Plan – Повеќегодишен акциски план), соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), кој е овластен да го следи целиот процес.

МАП има цел да овозможи „непречен протек на стока, услуги, капитал и на квалификувана работна сила“, со што регионот би требало да биде поатрактивен за вложувања и за трговија и да го забрза приближувањето кон ЕУ на земјите потписнички.

Со МАП се предвидени мерки за приватниот сектор да може да се реализира на пазар од приближно 20 милиони луѓе и да се насочи кон модел на регионален пораст со долгорочни стапки. Мерките се фокусираат на промовирање на понатамошна трговска интеграција, воведување динамичен регионален простор за инвестиции, олеснување на регионална мобилност и создавање програма за дигитална интеграција.

Надгледувањето на напредокот и реализацијата на МАП му е доверена на Регионалниот совет за соработка и на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изрази задоволство што од шесте лидери и од ЕУ, добиле задача да го надгледуваат процесот.

– Шесте лидери на Западен Балкан изразија целосна определеност за спроведување на МАП. Ова ќе даде силен поттик на процесите на пристапување во ЕУ врз основа на индивидуални заслуги, целосно ќе го забрза исполнувањето на економските критериуми од Копенхаген и ќе ослободи поголеми економски потенцијали – изјави Свилановиќ.

Во соопштението се наведува дека лидерите од Западен Балкан ги повикуваат меѓународните организации и донаторите кои ги поддржуваат реформите во областите што ги предвидува МАП, своите програми за помош да ги сообразат со МАП. За таа цел, до крајот на 2017 година треба да се организира конференција посветена на координација на донаторите.