!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Левица најави забрана за отворање странски воени бази во Македонија


       
Скопје, 21 ноември, 2016 - 17:20 (META) 

Партијата Левица, која самостојно ќе настапи на изборите на 11 декември под реден број 11, најави 15 ударни мерки во нејзината изборна програма. Раководството на партијата преку медиумите најави воведување на минимален гарантиран приход по семејство, враќање на можноста работникот да стекне право на пензија и врз основа на работен стаж, забрана на понатамошна приватизација на јавните претпријатија, запирање на непродуктивните буџетски расходи, значително намалување на превисоките плати на пратениците и на функционерите и укинување на нивните привилегии како што се апанажата и патните трошоци.

Од партијата најавија и укинување на приватните извршителски канцеларии и воведување судии извршители, за, како што велат од партијата, да се спречи грабежот на граѓаните при постапката на присилно извршување. Ветуваат и драстично намалување на постоечките тарифи за награди и за надоместоци на адвокатите и на нотарите, незастарување на кривичните дела поврзани со економскиот криминал заради преиспитување на криминалната приватизација и конфискација на нелегално стекнатиот имот на сите досегашни владејачки структури и oлигарси.

Левица најавува создавање услови за воведување интегрирано образование, без етнички поделени училишта, воведување бесплатно или целосно јавно субвенционирано високо образование, како и обезбедување право на квалитетно здравствено осигурување за сите граѓани на Република Македонија.

Од левичарската партија, исто така, најавуваат и утврдување на гарантирани откупни цени на земјоделските и сточарските производи преку отворање државни откупни центри, борба со урбаната мафија за спречување на уништувањето на зелените површини во градските средини, намалување на глобите за сообраќајните прекршоци и нивно одредување во сооднос со финансиската моќ на прекршителот.

Партијата Левица меѓу петнаесетте точки од нивната програма, најави дека ќе воведе забрана за создавање странски воени бази во РМ.