Кворумот и „проблеми со струјата“ ја прекинаа работата на Собранието


       
Скопје, 2 мај, 2018 - 16:20 (META) 

Поради одредени проблеми со струјата во делови на Скопје, а и ние имаме проблеми, со работата на оваа седница ќе продолжиме утре, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери по паузата за ручек, прекинувајќи ја денешната 45-пленарна седница. Инаку, салата беше нормално осветлена, а работеше и разгласот.

Инаку, во собраниската сала имаше недоволно пратеници за кворум, а Џафери првин почека неколку минути во надеж дека ќе дојдат уште пратеници.

Покрај партерот во кој седат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, каде имаше десетина пратеници, пред очекуваниот почеток на второто продолжение на седницата, многу празни фотелји имаше и во партерите на владејачката коалиција.

Во првото продолжение Собранието работеше експресно и речиси без расправа, усвојувајќи дваесетина закони. Беа усвоени Законот за високото образование и измените и дополнувањата на законите за судовите, за Судскиот совет, за оружјето и за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и за НБРМ, за класифицирани информации, за оружје и за ловство, како и други закони.