fbpx

Крв, лицемерие, навреди и песимизам: Каде се изгуби духот од Пржино?

-

Бруталниот и недипломатски начин на разговори и преговори меѓу власта и опозицијата кој почна во резиденцијата на ЕУ во Пржино, очигледно сè уште не е завршен.

Тогаш лидерите се согласија зад себе да ги остават партиските интереси и да размислуваат за доброто на грѓаните и на државата, но само по една недела го заборавија тоа, па партиските секири кои  биле само засолнети, пак се размафтаа: „Груевски сака да се спаси со пролевање крв“, „На Груевски очигледно му e поважно да се сонча во Тел Авив“, „Врв на лицемерието: Радмила Шекеринска денес излезе да критикува“, „Во Владата седи тепач“, „Власта е нарачател на насилства“, „СДСМ и платениците треба да бидат свесни дека ќе се носат со последиците“, „Треба да се применат методи и техники кои се реализираат во сите слични случаи и примери застапени во западните демократски земји“…

Иако еврокомесарот Јоханес Хан во понеделникот рече дека нема време за грубење и за одмор, барем не за институциите и дека треба да се почитуваат сите договорени рокови за да се подготват изборите, партиите лиферуваа десетина соопштенија со нови и со стари навреди.

Во понеделникот требаше да се одржи првата средба на работната група и да почне спроведување на Договорот од Пржино.

Како што на прес-конференција објасни заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, од ВМРО-ДПМНЕ средбата ја откажале половина час пред почетокот. Таа изјави дека за премиерот Груевски, очигледно поважно е да се сонча во Тел Авив, отколку да се реализираат обврските што сите ги презеле со потпишувањето на Договорот на 2 јуни.

На ова, Шекеринска доби реакција од владејачката партија, во која тие ја нарекуваат лицемeрна. „Радмила Шекеринска која не дошла на досегашните состаноци, денеска излезе да ги критикува другите. Врв на лицемерието.“

Употребата на „дипломатскиот јазик“ продолжи.

Петре Шилегов на прес-конференција ја праша власта на Никола Груевски дали намерата им е преку пролевање крв да се спаси од сопствената одговорност, мислејќи на новинарите кои се критички настроени кон власта, а за кои СДСМ смета дека се претепани, па повтори дека „тоа што во Владата сè уште седи тепачот на сопственикот на порталот „Мактел“, лично вицепремиерот Владимир Пешевски, без против него да се води каква било постапка, упатува на скандалозен факт дека нарачател на насилствата е самата власт“.

Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија дека СДСМ сноси политичка одговорност за сите овие случаи бидејќи тие се оние што постојано се закануваат со насилство и со пресметки, шират омраза, лаги и конструкции и се партија која го промовираше насилството. „Токму раководството на СДСМ и нивните финансиери од Сорос со своето неодговорно и непрофесионално однесување придонесуваат кон вкупната атмосфера во државата. Тие во континуитет лиферуваа лаги, манипулации, измами и шпекулации во јавниот простор и тоа не само против политичари, туку и против стотици други уметници, професори, професионалци во своите области, па дури и обични граѓани. Тие свесно предизвикуваат состојба на омраза и на насилство“, порачаа од владејачката партија. 

На ова СДСМ имаше уште една реакција: „Сите институции се во рацете на Никола Груевски. По девет години, уште ли мисли Груевски дека може да се вози на приказната дека некој друг е виновен за состојбите во државата?“.

Во размената на непријателски оган, се вклучија и партиите од албанскиот блок.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по средбата со амбасадорката на ОБСЕ, Мариане Берец, изјави дека не верува дека ќе се реализира договорот потпишан во Пржино. Тачи додаде дека овој договор го потпишал бидејќи смета дека тоа е единствениот пократок пат на Албанците да им се овозможи бргу да дојдат до ситуација да гласаат против структурите на Ахмети, за кои Тачи вели дека се виновни за состојбата во која моментално се наоѓаат Албанците.

Од ДУИ, пак, на ова му одговорија дека тој единствено сака да собере политички поени.

Дека нема приближување, туку, напротив, дека има заострување на анимозитетот едни кон други, очигледно забележал и еврокомесарот Јоханес Хан, кој посредуваше во Пржино.

– Не беше сè договорено на 2 јуни, но се надевам дека партиите ќе можат да се договорат. Го олеснивме договорот, но нема сè да олеснуваме – рече Хан по средбата на Советот на министрите на ЕУ во Брисел.

Атмосферата како да ја почувствува и словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, па во интервју за „Мета“ рече дека никој не може да биде сигурен дека Договорот ќе биде имплементиран.

„Не можете да бидете сигурни дека договорот ќе биде имплементиран. Страните кои потпишаа треба да се осигураат дека ќе биде имплементиран, а договорот е прилично специфичен околу тоа што треба да биде сторено и кога. Тоа што сакаме да го видиме е имплементацијата, почнувајќи со првиот чекор како што предвидува договорот. Ова е договор кој треба да биде имплементиран во име на европската иднина за вашата земја. Ова не смее да биде договор кој едната страна го користи против другата политичка партија, бидејќи во тој случај ќе пропадне“, изјави Лајчак.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...