fbpx

Кризата со гасот може да биде поголема од кризата со бензини

-

Блокираната сметка на „Макпетрол“, повеќе може да предизвика криза во однос на испораката на гас, отколку на бензини, сметаат експертите за енергетика кои ги контактираше „Мета“.

Според Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет и поранешен директор на МЕПСО, доколку се случи криза со бензините, таа ќе ја решат другите помали приватници кои ќе надоместат со зголемен увоз. Тој не очекува дека ваквата криза може да потрае, туку дека ќе се реши брзо.

– Проблемот со бензинот и дериватите, не очекувам да биде толку голем. Другите помали увозници ќе го покријат недостатокот на бензин, па можеби ќе се случи мала криза. За малите потрошувачи, не значи многу на која бензинска пумпа ќе стават гориво – вели Тунески.

Според информациите од компанијата, во моментов на бензиските станици на „Макпетрол“, кои сочинуваат 60 проценти од пазарот во земјава, има залихи на нафтени деривати доволни само за наредните пет дена.

Заради блокираната сметка, „Окта“ денеска прекина со испорака на гориво на „Макпетрол“.

Состојбата со снабдување со гас, според Тунески е уште поголем проблем, бидејќи без овој енергенс ќе останат голем број на институции и компании.

– Состојбата со испораката на гасот е поголем проблем, бидејќи ќе се оневозможи снабдување на институциите и компаниите со гас. Блокираната сметка ќе оневозможи плаќање на гасот спрема „Газпром“ што би ја довело во прашање испораката – додава нашиот соговорник.

Тунески не гледа зошто е блокирана сметката на „Макпетрол“, кога во случајот спорен е „Оилко“.

– Можеби подобро решение ќе беше да се оневозможи само трансферот на пари од „Макпетрол“ кон „Оилко“, или пак да се види дали парите се во „Оилко“. Не гледам зошто е блокирана сметката на „Макпетрол“, кога во случајот, „Оилко“ е спорен. Исто така, физичките лица се гонат кривично, но тие се уште се невини, се додека не се докаже спротивното – додава тој.

Константин Димитров, професор на Машинскиот факултет, вели дека не е многу упатен во случајот со „Макпетрол“, но како што вели, негово лаичко размислување е дека „состојбата со бензините ќе ја решат другите увозници, а со гасот државата или пак други трговци поединци кои имаат пари да вложат.“

Со решение на судија за предистражна постапка донесено во петокот на 14 август, замрзнати се сметките во деловните банки на „Макпетрол“ АД Скопје и „Оилко“, како и целиот движен и недвижен имот. Мерките од решението ќе важат до завршување на постапката.

Од компанијата предупредија дека училишта, болници, аеродроми, енергетски капацитети ќе останат без неопходните енергенси, доколку ваквата состојба потрае.

Телевизија „Телма“, чијшто сопственик е „Макпетрол“, објави дека блокираната сметка ќе доведе до прекин во снабдувањето со природен гас на почетокот на септември, бидејќи договорот на компанија со „Газпром“ предвидува авансно месечно плаќање на планираните количини од овој енергенс.

Природниот гас го користат десетици големи компании, Клиничкиот центар, Министерството за одбрана, Градската општа болница „8 ми септември“, четири чилишта во Скопје, дистрибутерот „Куманово гас“, како и сите фабрики во слободната економска зона „Бунарџик“.

Покрај ова, наведува „Телма“, за една недела без млазно гориво ќе останат аеродромите во Скопје и во Охрид, со оглед на тоа што „Макпетрол“ е единствен снабдувач со керозин во Македонија.

Исто така, нема да може да се реализира договорот меѓу „Макпетрол“ и ЕЛЕМ за испорака на околу 50.000 тони мазут за потребите на РЕК„ Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...