!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривични пријави за седум „шарени револуционери“


       
Скопје, 3 јуни, 2016 - 12:38 (META) 

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривични пријави против седум лица поради основан сомнеж дека учествувале во толпа што ќе изврши кривично дело. Кривични пријави се поднесени против лицата П.Б., М.З., И.М., С.С.К., А.Г. и Н.П. од Скопје и А.К. од Охрид.

Во соопштението од Министерството пишува дека првото кривично дело е извршено за време на одржување на ненајавени протести организирани од граѓанско здружение „Протестирам“, на 18 април годинава, од 18 часот до 21 часот, кога протестот се одвивал на просторот пред зградата на Министерство за култура на Република Македонија, лоцирано на улицата Мирослав Крлежа бр. 61, Скопје, објект кој е значајно културно наследство.

„Имено, П.Б. кој активно учествувал на протестот, со намера да нанесе штета, употребил повеќе балони наполнети со боја, кои ги фрлал во правец на Министерството за култура на Република Македонија, каде ги оштетил надворешните ѕидови – фасада на зградата. Од страна на Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кои биле ангажирани на обезбедување на протестот пред зградата на Министерството за култура, доставен е снимен видеоматеријал од одржаниот протест. Врз основа на извршениот увид во снимениот видеоматеријал, идентификуван е првопријавениот како учесник во толпата на одржаниот протестен собир“, пишува во соопштението на МВР.

Како што се додава во соопштението од полицијата, второто кривично дело го извршиле П.Б., М.З., И.М., С.С.К., А.Г. и Н.П. на 30 мај годинава, од 19 до 20 часот, за време на одржување на протест пред Порта „Македонија“, објект за кој во соопштението на МВР се вели дека е недвижно културно наследство, со што причиниле материјална штета околу 3.000 евра во денарска противвредност.

„Од страна на полициски службеници од СВР Скопје, кои биле службено ангажирани за обезбедување на протестниот собир, бил забележан пријавениот П.Б. како од товарно моторно возило, марка „фиат добло“ со скопски регистарски ознаки, во сопственост на политичката партија СДСМ, а управувано од пријавениот, кое било паркирано на улицата 11 Октомври, во непосредна близина на објектот Порта „Македонија“, била извадена импровизирана направа – катапулт и две кеси со боја, кои подоцна се искористени за оштетување на објектот Порта „Македонија“, се вели во соопштението на полицијата.