Кривична за поранешниот директор на АВРМ за злоупотреба на службената положба


       
Скопје, 11 април, 2018 - 10:52 (META) 

Владимир Поповски, поранешниот директор на Агенцијата за вработување (АВРМ) доби кривична пријава од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР. Се товари за злоупотреба на службената положба и овластување за три работи, меѓу кои и тоа што на своја рака, без одлука на Управниот одбор на АВРМ дал четири возила на користење на Министерството на труд и социјална политика и овозможил точење гориво во нив на сметка на Агенцијата.

Едно од тие возила е и џипот „туарег“ со кој тогашниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов направи две сообраќајки ноќта меѓу 28 и 29 октомври 2016 година.

Според МВР, Владимир Поповски (39), во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила на Агенцијата, и без одобрување од Управниот одбор, со Договор за меѓусебна техничка соработка со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и му отстапил на користење четири возила сопственост на АВРМ.

Освен тоа, Поповски дал на користење и картички за гориво со одреден лимит за две бензински пумпи, а за да го овозможи тоа издал и дупли идентификациски картички со идентитет на возачите во АВРМ, но без нивно знаење. Со тие картички, во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, било полнето гориво во вкупен износ од 427.817 денари на штета на буџетот на Република Македонија. Со ваквите дејствија, Поповски го оштетил државниот буџет за вкупен износ од 844.121 денари или 13.725 евра.

Третата работа за која што се товари поранешниот директор на АВРМ, Владимир Поповски, е дека во 2016 година, спротивно на Законот за јавни набавки, без спроведена законска постапка, со правно лице договорил градежни и завршни работи за санација на објект, со што правното лице незаконски се стекнало со имотна корист од 416.304 денари (6.760 евра), на штета на државниот буџет.