Кривична пријава за поранешниот штипски градоначалник Захариев


       
Штип, 2 април, 2018 - 15:11 (META) 

Секторот за внатрешни работи Штип, до Основното јавно обвинителство Штип, поднесе кривична пријавa против И.З. (58) и И.И. (55), двајцата од Штип, поради постоење основи на сомнение дека сториле четири кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“  и две кривични  дела „несовесно работење во службата“.

„И.З. во својство на градоначалник на општина Штип и И.И. како вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Стипион 2011“ – Штип во периодот од 27.10.2015 до 12.07.2016 година во повеќе наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластување. И.З. како градоначалник на општина Штип издал Одобрение и Наредба за отстранување на објекти околу градскиот базен Штип, како и продажба на истиот, без да добие согласност од Советот на Општина Штип. И.И. несовесно постапил при спроведување на постапката на Одобрението и Наредбата за отстранување на објекти. Тој не ги одбил иако знаел дека се противзаконски, туку ги спровел и ги извршил“, информираат од МВР.

На тој начин, пријавените причиниле вкупна материјална штета на јавното претпријатие „Стипион“ и на општина Штип во висина од 15.412.159 денари (250.604 евра).