Кривична пријава за градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков


       
Кочани, 14 септември, 2018 - 13:20 (META) 

Градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков, доби кривична пријава поради незаконско зголемување на цената на водата во 2015 година, во текот на претходниот мандат. Интересно е што МВР во истиот случај го товари и актуелниот директор на општинското комунално претпријатие поради тоа што цените ги вратил по старо.

Станков е второпријавен, а полицијата го товари за несовесно работење, поради тоа што не проверил дали е законско зголемувањето на цената на водата во март 2015 година, кое се применувало до 1 јуни годинава.

За незаконското зголемување на цената на водата од 20 на 25 денари за кубен метар и за зголемувањето на надоместокот за канализација од 4 на 6 денари по квадратен метар, Полициската станица во Кочани го товари В.Ѓ. (59) тогашен директор на ЈКП „Водна Кула“ – Зрновци. Тој тоа го направил без одлука на Управен одбор на претпријатието и без одлука на Советот на општината.

Третопријавен е Г.К. (39), актуелен директор на ова јавно комунално претпријатие. Него полицијата го товари затоа што во јуни годинава ги вратил цените на претходниот износ, без да ги провери законските прописи.