Кривична пријава за 28-годишен скопјанец за убиството на улицата Џон Кенеди


       
Скопје, 12 февруари, 2018 - 12:14 (META) 

СВР Скопје соопшти дека во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, денеска поднел кривична пријава против О.А. (28) од Скопје, кого го сомничи дека е убиецот што на 20 декември лани на автобуска постојка спроти гимназијата „Цветан Димов“ на улицата Џон Кенеди го застрела со автоматска пушка 24-годишниот скопјанец Б.И., кој им подлегна на повредите.

Убиецот е во бегство и по него е распишана потерница.

Пред убиството, Б.И. бил договорен со тројца другари да се сретнат на автобуската постојка и откако се сретнале таму, по неколку минути на спротивната коловозна лента пред браварска работилница застанал црвен автомобил „југо“ од кое излегол О.А. со автоматска пушка во рацете. Потоа се стрчал кон групата и без никакво предупредување почнал да пука во правец на Б.И. кој од задобиените повреди паднал на земја крварејќи. Потоа убиецот влегол во „југото и заминал.

СВР Скопје информира дека во рамките на истрагата, неколку часа по убиството е пронајдено југото, а на 27 декември се извршени претреси во домот и други простории на О.А. и кај пет други лица од Скопје. Притоа се одземени два мобилни телефона, а тројца осомничени биле испитувани на детектор за лаги.