!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривична пријава против поранешната директорка на Завод и музеј од Охрид


       
Охрид, 16 декември, 2017 - 14:02 (META) 

Заводот и музеј Охрид поднесе кривична пријава против поранешната директорка Тања Паскали – Бунташеска, која поради неспроведување на судска одлука за уривање на потпорните ѕидови до музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“ меѓу установата и еден од соседите нанела голема финансиска штета врз буџетот на Македониј во износ од околу 123.000 евра, соопшти министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Тој истакна дека судска постапка која се водела пред Основниот суд – Охрид уште од 2008 година, а постапка завршила со правосилна пресуда за вознемирување на правото на сопственост на тужителот од страна на тужениот Завод и Музеј – Охрид во декември 2009 година. Со пресудата, Завод и Музеј – Охрид бил задолжен да отстрани делови од градби – ѕидови од парцелата на тужителот.

– Но, поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид не го сторила тоа, а тужителот повел постапка за изрекување на судски пенали заради неизвршување на пресудата од декември 2009 година. Постапката завршила со пресуда на Апелациониот суд – Битола, со која биле изречени судски пенали во висина од 3.000 денари дневно – рече Алаѓозовски.

Тој додаде дека и покрај ваквото задолжение со дневни судски пенали, Паскали – Бунташеска не пристапила кон рушење на ѕидовите по судската пресуда, со што би се избегнало плаќањето на дневните пенали.

– Како последица од ова непостапување, се насобрале судски пенали во износ од 2.322.290 денари, што е повеќе од 700 денови доцнење со извршувањето на пресудата. Оваа сума, која им е исплатена на тужителите, е директна штета на установата и на буџетот на РМ. За жал, овде не се запрело. Поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид продолжила со неизвршување на судската пресуда. Неизвршувањето траело уште неколку години и сето ова се криело како од министерството, така и од сегашната в.д директорка при примопредавањето на должноста, на 24 јули оваа година. Тужителите на 24.10.2017 година, повторно на истиот начин, преку извршител, по истата пресуда од 2009 година, за дневни пенали ја блокираа сметката на Завод и Музеј – Охрид. Овој пат, сумата на налогот за извршување е во износ од 5.239.217 денари, што претставува повеќе од 1.700 денови или повеќе од 4 години неизвршување на пресудата – рече Алаѓозовски, додавајќи дека судската пресуда е конечно исполнета на 05 декември годинава.