!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривична пријава на Вангеловски бидејќи не дава увид во списите за Грујовски и Бошковски


       
Скопје, 28 септември, 2017 - 14:20 (META) 

Советот за утврдување на факти му поднесе кривична пријава на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Кривичната пријава Советот ја поднел бидејќи пред две недели Вангеловски не им дозволи на членовите на комисијата која ги истражува околностите за бегството на Горан Грујовски и на Никола Бошковски, да влезат во Врховниот суд и да извршат увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

„Советот за утврдување на факти на седницата одржана на 28.09.2017 година донесе одлука да се поднесе кривична пријава против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Истиот ден до надлежниот јавен обвинител поднесена е кривичната пријава за сторено кривично дело кое според Кривичниот законик се гони по службена должност“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

На 13 септември од Советот информираа дека припадниците на судската полиција им кажале на членовите на комисијата дека не ги пуштаат внатре зашто таква наредба добиле од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Од Врховниот суд тогаш одговорија дека Советот за утврдување на факти прво треба писмено да го образложи барањето за пристап до списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“, а потоа судот ќе определи време и простор.

Инаку, Комисијата што ја формираше Советот треба да утврди дали судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори на СЈО, ја прекршиле постапката и им овозможиле на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски и на Никола Бошковски, вработен во УБК, да побегнат од државата.