Кривичен суд одговори на обвинувањата од адвокатите и Катица Јанева


       
Скопје, 30 август, 2018 - 17:08 (META) 

Основниот суд Скопје 1, познат и како Кривичен суд, денеска одговори на обвинувањата од адвокатите на обвинетите во судските процеси во кои обвинението го застапува Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но и на вчера кажаната критика од специјалната обвинителка Катица Јанева дека не се закажуваат доволно рочишта за овие предмети.

Адвокатите се бунеа дека многу често се закажуваат рочишта, а некои и се поклопуваат, па не може да учествуваат на сите судења. Така, на денешното судење на Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“, и двајцата нејзини адвокати, Боро Тасевски и Сања Алексиќ, не беа на почетокот на рочиштето, бидејќи биле на судењето за „Насилство во Општина Центар“.

– Или да се јави еден адвокат, или ќе ги казнам и двајцата со висока парична казна и ќе ви назначам бранител по службена должност – и рече судијката Добрила Кацарска на Јанкулоска.

Дваесетина минути подоцна адвокатите дојдоа во судницата.

И поранешниот премиер Никола Груевски не се појави во Апелацискиот суд, каде требаше да се разгледува неговата пресуда во случајот „Тенк“, оти и тој и адвокатите биле на судењето за „Насилство во Општина Центар“.

Од судот порачаа дека судиите ги почитуваат правата на странките, а распоредите се прават со многу напор, за да бидат усогласени јавните расправи.

„Ја информираме јавноста дека судиите при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во целост ги почитуваат првата на странките како во овие така и во сите други предмети и со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажаување на главните расправи се со цел да се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доследно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок“, порачаа од судот.

Велат и дека е проблем тоа што обвинетите во случаите на СЈО им се суди во неколку процеси, па не може да се закажува јавна расправа во ист ден.

„Дополнителен проблем е што поголем дел од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при насрочување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите кои ги застапуваат обвинетите“, велат од Судот.

Во однос на критиките од Јанева дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, од Кривичниот суд напоменуваат дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 различни предмети по кои постапува Специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени како би се овозможиле доволно време на одбраната да се подготви.

Во соопштението се напоменува и дека во моментов во судот се постапува по 1.633 други предмети во одделението кривично – полнолетни, како  и 126 други предмети во одделот за организиран криминал и корупција, меѓу кои и предмети со над 30 обвинети од кои дел се во притвор, „и овие предмети не може да се занемарат за сметка на други“.