!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кривичен суд: Јанева и Фетаи се однесуваа дрско и непрофесионално


       
Скопје, 22 февруари, 2017 - 14:46 (META) 

Во 72-годишното постоење на Основниот суд Скопје 1, не се памети вакво однесување и непочитување на судот, судската власт и на судија која ја води постапката, какво што покажале специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, на денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, реагираат од  Кривичниот суд.

– Како суд, заради транспaрентно информирање на граѓаните, но и заради јавниот интерес, должни сме да кажеме дека со денешниот однос, јавните обвинителки од посоченото обвинителство, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, во присуство на јавност во судницата, покажаа каков е нивниот однос кон судската власт во државата, однесувајќи се дрско, крајно непрофесионално, злупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавнообвинителската етика – стои во соопштението од судот.

Судијката Татјана Михајлова, се додава во соопштението, „мирно и достоинствено, како што доликува на вршител на судската власт“, на записник го нотирала секој збор и навреда упатена до неа лично и до судот, „при што за ваквото однесување повеќепати ги опомена јавните обвинителки да се воздржат од навреди и да постапуваат во рамките на професионалната етика“.

– Но, тоа не беше доволно да се спречи очигледната намера на обвинителките, кои и покрај тоа што немаше услови да се одржи рочиштето поради неприсуство на неколку обвинети, да ја исполнат нивната цел денес, како што и самите изјавија, да одглумат некаква улога, а истото дрско го препорачаа и на судијата да учи од нив како се глуми и да одглуми непристрасен судија – велат од судот.

Поради ова, судијката Михајлова донесе одлука предметот целосно да го достави до Советот на јавни обвинители „како единствено тело надлежо да се произнесе околу однесувањето на јавните обвинители од ова обвинителство“.

– Како суд, должни сме да го задржиме нивото на професионално и законито постапување како што е предвидено во Уставот и во законите на Република Македонија и ја повикуваме јавноста будно да гo следи ваквото однесување на СЈО и константните напади и испади кон судската власт – стои во соопштението.

Оттаму ги повикуваат и Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Здружението на судии и меѓународните претставници во земјава, да се уверат во упатените „навреди и закани за кривично гонење на судии“, од страна на СЈО, што претставува атак врз судскиот систем на Македонија.

Судијката Татјана Михајлова денеска го прекина судското рочиште за случајот со насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во кој се обвинетите поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и уште 13 лица, и ги казни по 2.000 евра обвинителките на СЈО за „елементарно непочитување на судот“, откако ја обвинија судијката дека направила фалсификат со записникот од претходното рочиште, одржано на 16 декември минатата година.