Коѕиаѕ: Данска, Франција и Холандија бараат одложување на преговорите со Македонија


       
Луксембург, 26 јуни, 2018 - 16:58 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас рече дека дискусиите во ЕУ се водат помеѓу земјите кои сакаат старт на преговори со Македонија до летото 2019 година и оние кои сакаат тоа да биде уште подоцна.

– Денеска дискутиравме за проширувањето на Европската Унија, каде постоеја две различни линии. Од една страна мнозинството од 25 земји кои сакаат и прифаќаат да почнат преговорите до летото 2019 за ПЈРМ и Албанија, и од друга страна Данска, Франција и Холандија кои сакаат да го одложат тоа. На многу јасен начин објаснив дека геополитичката и геостратешката политика во регионот, бара помош кон овие земји, а не одложување. Објаснив дека внатрешната ситуација во овие две земји, бара стабилност и безбедност, а не создавање нови проблеми. На крај, се наоѓаме во еден компромис што ќе предвидува дека ќе може да започне отворањето поглавја до летото 2019, односно нешто што е многу важно за нас, со актуелната комисија која многу добро ја знае и ситуацијата и проблемите – рече Коѕиас во Луксембург.

Преговорите за Македонија и Албанија се заглавени, откако земјите членки не успеаја да постигнат компромис утрово, одлучија да преминат на други преговори поврзани за претстојниот Самит, но со можност да се навратат на темата подоцна денеска.