fbpx

Коѕиас пред амбасадорите: Нема да дозволиме надворешни мерки и санкции за Македонија

-

Македонија и Грција ја надминуваат недовербата и се на добар пат за дополнително да ги зацврстат меѓусебните врски, истакна денеска пред македонските амбасадори, конзули и дипломати, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

Коѕиас се обрати пред Амбасадорскиот совет и претставниците на македонските дипломатско-конзуларни претставништва по средбата со премиерот Емил Димитриев и со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Зачестените контакти меѓу двете страни и мерките за градење доверба, според Коѕиас, помогнале да се воспостави нова и посилна доверба меѓу двете страни.

„Јасно е дека несигурноста од ваша страна за тоа дали ние го прифаќаме постоењето на вашата држава, како и иредентизмот долго време го потхрануваа чувството на недоверба. Денес имаме направено важен чекор напред во таа насока. Нашите лични врски со Никола Попоски зборуваат сами за себе. Патот, секако, е сè уште долг, но одлучени сме да го изодиме и мислам и се надевам дека работиме во таа насока“, рече Коѕиас пред македонските дипломати.

Тој не ја заобиколи честата грчка критика за иредентистичката реторика на македонската влада. Истакна дека Грција се надева дека македонската страна ќе успее да го надмине иредентизмот, кој воопшто не помага ниту, пак, е поддржан од историски и од реални факти.

„Нашите две држави имаат обврска да живеат заедно, во мир, соработка и со напредок. Доколку се реши и веднаш кога ќе се реши спорот за името и се урне секаков вид на иредентизам, двете држави ќе чекорат заедно по патот на ЕУ и на институциите на безбедност. Грција ќе стане поддржувач и посредник на овој пат“, истакна шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас говореше позитивно за мерките за градење доверба, кои, според него, значително помогнале да се подобрат врските меѓу двете страни и да се зајакне соработката на полето на транспортот, економијата и академската соработка.

Тој најави дека Грција и понатаму ќе продолжи да работи во насока на помагање на развојот на Македонија. Навраќајќи се на последниот Самит на министрите за надоворешни на ЕУ, истакна дека Грција нема да дозволи надворешни мерки и санкции за Македонија.

Коѕиас беше дециден дека Грција, за разлика од други држави, одлучила да не се меша во внатрешната политика на Македонија во екот на силната внатрешно-политичка криза, бидејќи, според него, таквото мешање е и погрешно и недозволиво.

Коѕиас долго говореше и за ситуацијата во Европската Унија и за неопходноста да се отвори нов дијалот за новиот идентитет, вредности и иднина на ЕУ. Тој посочи дека Унијата се соочува со криза на идентитет, но и со сериозна политичка, економска и бегалска криза. Во ваквите услови спомена дека е комплексно како ќе се продолжи со проширувањето на Унијата, кое Грција го поддржува.

„Приемот во ЕУ за многу држави ќе се одолговлекува поради повеќестраните внатрешни кризи на ЕУ. Меѓутоа, и да се интегрираат набргу во ЕУ, Унија со 40 членови сигурно нема да е простор во кој една држава со 2, 5 или со 7 милиони жители ќе може лесно да се движи и да се прилагоди. Затоа велам дека е неопходно да го засилиме нашиот регион и да ги искористиме денешните можности, додека сите држави од регионот се интегрираат во ЕУ“, истакна Коѕиас.

Според него, за интеграцијата на Балканот во ЕУ значително ќе помогне новата грчка иницијатива за регионални состаноци меѓу Грција, Бугарија, Македонија и Албанија. Првиот ваков состанок се одржа во Солун во април, а следниот е предвидено да се случи во ноември.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...