This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Apr 24 10:47:41 2018 / +0000 GMT

Коѕиас по средбата со Дачиќ: Направен е чекор напред во преговорите на Грција и Македонија




Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по денешната средба со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Белград изјави дека во преговорите на Грција и Македонија за спорот за името е направен чекор напред, како и дека клучот за решавање на проблемот се „реализмот, прагматизмот и сфаќањето дека треба да се направат компромиси“, пренесуваат српските медиуми.

- Треба да направиме компромиси, но не „гнили“ компромиси, туку такви од коишто ќе добијат двете страни. Компромис значи дека обете страни треба да сфатат дека не може да добијат сè, но дека треба да имаат придобивка - рече шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас додава оти се надева дека двете страни во преговорите ќе го сфатат тоа и оти ќе има позитивни резултати.

Српскиот министер за надворешни работи, пак, рече дека најделотворно и најкорисно би било тие разговори да се водат директно и да се мисли на заедничкиот интерес во целиот регион. Дачиќ истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори својот повеќепати изнсен став дека било грешка тоа што поранешна Сојузна Република Југославија ја признала Македонија под нејзиното уставно име, нагласувајќи дека тоа било „непромислен и погрешен чекор“.

- Однесувањето на Скопје кон Србија и српскиот национален и државен интерес не беше адекватно. Тие признаа еднострани акти - рече тој, мислејќи на признавањето на Косово од страна на Република Македонија.

Според Дачиќ, Србија сака прашањето за името да се реши, но дека не може многу да помогне, освен да понуди двете страни понекогаш да се состануваат во Србија.
Post date: 2018-04-11 14:14:09
Post date GMT: 2018-04-11 12:14:09
Post modified date: 2018-04-11 14:14:09
Post modified date GMT: 2018-04-11 12:14:09
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com