Коѕиас: Јас ќе сакав да се викаат Северна Алјаска, а не Северна Македонија


       
Атина, 20 јули, 2018 - 10:56 (META) 

Меѓудржавните договори се резултат на компромис, склучивме договор со придобивки и за двете земји, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во говорот на крајот од конференцијата за правните аспекти на Договорот од Преспа што се одржа во грчкото МНР.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕиас, анализирајќи го решението меѓу Македонија и Грција, се осврна како на преговорите така и на придобивките за двете земји. Рече дека од времето на Контантинос Караманлис па се до денес, три прашања се однесувале на преговорите: името, неповредливоста на границите и постоењето или не на малцинство.

Министерот за надворешни работи на Грција говореше за членовите од Договорот поврзани со името и употребата, за јазикот, државјанството, но и за иредентизмот.

– Прашајте ме дали ми се допаѓа Северна Македонија. Не. Јас ќе сакав да се викаат Северна Алјаска, но веќе постоеше согласност за сложено име што ќе го содржи терминот Македонија. Терминот со децении постоеше во преговорите и сметам дека е неетички оние кои дадоа завршени работи да се претставуваат како поддржувачи на име што нема да содржи Македонија – рече Коѕиас.

Во однос на државјанството и националноста, објасни која е разликата и што е вклучено во Договорот, а за јазикот повтори дека е признат како македонски во ОН уште во 1977 година.

Упатувајќи критики до оние кои се против Договорот, Коѕиас истакна дека во Грција постојат два вида на политики: оние што сакаат решение и оние што се против решение.

– Сите оние кои го критикуваат Договорот од Преспа, уште не сум ги слушнал да кажат што точно требаше да дадеме. И уште не сум ги слушнал да кажат што добивме и кој е балансот меѓу она што требаше да дадеме и она што требаше да го земеме – рече Коѕиас и додаде дека „за противниците на Договорот, компромисот е пораз“.