fbpx

Коѕиас: Грција не смее да дозволи турската криза да се пренесе на грчко-турските односи

-

Грција мора да внимава турската криза да не се прелее на грчко-турските односи и да предизвика инциденти меѓу двете држави, порачува шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, во интервју за весникот „Риал њуз“.

Грчкиот министер вели дека на осумте турски војници ќе им пресудат грчките правни институции, а апелира дека Турција мора да работи на зајакнување на демократијата и да не направи чекор како враќање на смртната казна.

Според шефот на грчката дипломатија, Турција долго време се однесувала невротично, збор кој според него ја опишува и ситуацијата во Германија во 19 век. Она што, според него, сега е клучно за Грција е да не дозволи влошената внатрешна ситуација и заострените судири во Турција да се прелеат на грчко-турските односи и да предизвикаат нова криза.

– Она што ме интересира е невротичноста и заострувањето на внатрешните судири во Турција да не ги зафати и билатералните односи. Да не се дозволи кризата преку грешки да се пренесе и на нив. Тоа е основниот критериум за справување со оваа ситуација – изјави Коѕиас.

Што се однесува до турските војници кои чекаат за азил во Грција, главното прашање за кое грчките власти стравуваат дека може да предизвика инцидент меѓу двете страни, грчкиот министер вели дека одлуката ќе биде во рацете на грчките правни институции и службите за азил. Сепак, според него, војниците пучисти кои учествувале во удар против демократијата, во бомбардирање на парламентот и напад врз голем број турски граѓани немаат право на грчка солидарност.

Во интервјуто Коѕиас уште еднаш споменува дека грчката влада осудува секаква форма на воен удар. Ѝ порачува на Турција дека во овој момент наместо да работи на слабеење на демократијата, треба да се залага за нејзино зајакнување.

– Верувам дека на Турција ѝ треба повеќе демократија, не помалку. Победниците од внатрешниот судир треба да се погрижат дека пучистите ќе бидат судени според правните принципи и покрај тежината на нивните дела. Победниците треба да покажат дека ги штитат уставните институции на државата, а не само нивната моќ – вели министерот.

Со доза умереност Коѕиас вели дека досега и покрај повремените турските прекршувања на меѓународното право во Егејско Море, за време на владеењето на Ердоган нема некој голем инцидент меѓу двете држави. Сепак, не исклучува дека доколку се интензивира авторитарното однесување на турските власти, ќе дојде и до нови турски провокации кон Грција.

Според него, во моментов клучно е Грција да биде многу внимателна, умерена и трезвена и да работи на развивање на пријателството меѓу двете страни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...