!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ковачевски: Комисијата за буџет може и утре да ја заврши работата


       
Скопје, 6 декември, 2017 - 13:44 (META) 

Општиот претрес на предлог-буџетот за 2018 година на Комисијата за финансирање и буџет заврши и попладнево продолжува амандманската расправа. Денеска е седмиот ден од комисиската расправа и остануваат уште три дена до законскиот рок од 10 дена, до кога расправата за предлог-буџетот треба да заврши во матичната комисија.

– Ако завршиме побргу со расправата по однос на амандманите, кои се 279, тогаш може да завршиме и побргу од предвидениот рок, 10 работни дена. Во законот се вели „до 10 работни дена“, но не мора да бидат 10. Бидејќи пратениците на опозицијата не присуствуваат на комисиската расправа, амандманите само ќе ги читаме и по нив ќе се произнесува владин претставник. Не можам да предвидам како ќе оди, но можно е да завршиме и утре. И пратениците на Беса имаат поднесено амандмани, а тие се присутни на комисиската расправа – изјави за „Мета“ Васко Ковачевски, кој претседава со Комисијата за финансирање и буџет.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска изјави дека „цврсто верува оти буџетот ќе се донесе“.

– Гледам дека работата на Комисијата се одблокира. За мене е важно што таму има дебата, а лично би бил среќен ако на Комисијата за финансирање и буџет се вклучи и опозицијата – изјави Тевдовски.