!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Коцијанчич: Трпение, до 24 мај ќе дознаете кој ќе вечера со Могерини


       
Брисел, 19 мај, 2017 - 13:44 (META) 

Европската комисија засега не открива кој ќе патува во Брисел на средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и за безбедност, Федерика Могерини, дали тоа ќе биде техничкиот премиер Емил Димитриев или Зоран Заев.

– Во овој момент можам да кажам дека поканите се испратени до премиерите, а имињата на учесниците ќе бидат потврдени непосредно пред посетата. Ќе ве замолиме за трпение, но до 24 мај ќе дознаете кој ќе дојде – рече портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич, одговарајќи на прашање кој ќе присуствува на средбата и дали Заев ќе добие посебна покана ако не успее дотогаш и официјално да ја формира владата.

Во однос на неочекуваното брзо решавање на ситуацијата во Македонија и во Албанија, Коцијанчич, сепак, не сакаше да прецизира дали последниот ефективен притисок во двете земји е извршен од ЕУ или од САД.

– Не верувам дека станува збор за чудо, туку дека е резултат на напорна работа и на политичка волја. Кога зборуваме за Западен Балкан, знаете, тоа е регион кој има ЕУ-перспектива, каде ЕУ е ангажирана. Тоа се однесува за поранешната југословенска Република Македонија. Како што видовте, ние реагиравме на овој развој на настаните и ќе продолжиме да ги поддржуваме двете земји, но и целиот регион. Знаете дека високата претставничка за надворешна политика на ЕУ веднаш ги повика шесте премиери на земјите од Западен Балкан на неформална вечера следната недела во Брисел, на 24 мај, на која ќе се разговара за сите случувања во Западен Балкан и како да се продолжи понатаму. За нас регионот е приоритет и ќе бидеме силно ангажирани и посветени – рече Коцијанчич, одговарајќи на новинарско прашање како за толку кратко време беше постигнато да се среди ситуацијата во Македонија и во Албанија.