fbpx

Котески: АРМ ќе учествува во новата мировна мисија на НАТО во Авганистан

-

Армијата на Република Македонија (АРМ) својата соработка и лојалноста кон НАТО ја искажува, меѓу другото, и со извршувањето на мировните операции кои се предводени од алијансата, изјави денеска началникот на Генералштабот на АРМ, Горанчо Котески, по средбата со претседавачот на Воениот комитет (ВК) на НАТО, генерал Кнуд Бартелс, пренесува „Утрински весник“.

– Во однос на понатамошната поддршка на нивните операции, АРМ со своите капацитети и со својата интероперабилност е подготвена да продолжи во мировните операции предводени од НАТО. Конкретно, ќе продолжиме со поддршка и со учество во мировната мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, која почнува во јануари идната година – рече Котески.

Колкав ќе биде бројот на војници, сè уште не се знае.

Началникот Котески, во однос на декларираните единици, истакна дека Македонија го направи, можеби, најголемиот исчекор во регионот дури и во однос на некои НАТО-членки, во рамките на кој е формирана единица под името „Средна пешадиска баталјонска група“ која е сертифицирана од НАТО за следните три години. Се работи за единица која во својот состав има околу 1.200 припадници, подвлече рече Котески.

На средбата со генералот Бартелс, досегашната соработка меѓу АРМ и алијансата била оценета како одлична, а Котески, како што истакна, го поставил прашањето за лично ангажирање на генерал Бартелс и на Воениот комитет и неговото влијание кон политичкиот дел на НАТО, во однос на нашето членство во алијансата.

Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, истакна дека алијансата придава големо значење на долгорочниот придонес што АРМ и Македонија го даваат во операциите, како и активната улога што ја имаме во регионалната соработка.

– Вратата на НАТО останува отворена за сите европски демократски земји што ги споделуваат вредностите на алијансата и кои се во состојба да ги преземат одговорностите што произлегуваат од членството – рече генералот Бартелс.

Тој нагласи дека би сакал да ја пофали работата на офицерите и на војниците од АРМ кои учествуваат во мисијата во Авганистан, како и придонесот за КФОР.

– Јас навистина го почитувам напорот што го даваат припадниците на АРМ во меѓународните мисии и тоа не завршува тука. Нашата соработка ќе продолжи со вашето учество во мисијата „Одлучна поддршка“. Колку што сум информиран, одлуката за вашето учество се донесува. Исто така, ние ќе продолжиме со соработка во рамките на вежбите што ги правиме и ќе реализираме нови видови соработка во рамки на воените перспективи. Разговаравме со началникот во врска со иницијативата за градење на одбранбените и безбедносните капацитети – додаде претседатвачот на ВК на НАТО.

Генералот Бартелс, во рамките на посетата на земјава, се сретна и со министерот за одбрана, Зоран Јолевски, а попладнево, одржа и предавање пред питомците на Воената академија „Михаило Апостолски“ во Скопје.

Утре, претседавачот на ВК на НАТО е предвидено да се сретне со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, а ќе положи и венец со свежо цвеќе пред Споменикот на паднатите херои за Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Фотографија од Макрон е креирана со вештачка интелигенција

Ако внимателно ја набљудувате фотографијата на Емануел Макрон, забележливо е дека е создадена од вештачка интелигенција. На пример, претседателот на Франција има неприродно долги прсти на десната рака, а...