fbpx

Косовскиот суд одлучил да нема екстрадиција на првообвинетите во „Монструм“

-

Основниот суд во Приштина на 29 октомври минатата година донел одлука со која не се дозволува екстрадиција на двајцата првообвинети за случајот „Монструм“, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

Како што информираат оттаму, Апелацискиот суд на Косово на 22 јануари годинава, ја одбил жалбата на Основното јавно обвинителство на Косово како неоснована и ја потврдил одлуката на приштинскиот основен суд.

Истиот ден, како што информираат од судот, била запрена и мерката притвор на Демири и на Исмаиловиќ.

„Со одлука на Основен суд во Приштина к.п.бр.704/2013 од 29 октомври 2015 година, за екстрадиција на бараните Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, е одлучено: Не се дозволува екстрадиција во Република Македонија, на сега бараните лица Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, државјани на Република Македонија; кон истите лица се продолжува притворот до моментот кога одлуката за одбивање на екстрадицијата не стане конечна; трошоците од постапката паѓаат на товар на буџетот на Република Косово; против оваа одлука, Основното обвинителство во Приштина има право на жалба во рок од три дена од денот на доставување на одлуката. Апелациониот суд на Косово, Сектор за тежок криминал со одлука пн. бр.716/2015 од 22 јануари 2016 година, постапувајќи по жалбата на ОЈО Приштина, се произнесе дека: Жалбата на Основното јавно обвинителство Приштина се одбива како неоснована, додека пресудата на Основниот суд Приштина кп.бр.704/2013 од 29 октомври 2015 година, се потврдува. Бидејќи советот на Апелацискиот суд во Приштина оценил дека екстрадицијата не е дозволена, кон бараните лица Африм Исмаиловиќ и Алил Демири е запрена мерката притвор согласно одлуката од 22 јануари 2016 година, истиот ден“, стои во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

Во него се додава дека меѓународната потерница против Исмаиловиќ и Демири, издадена од македонското Министерство за внатрешни работи, е сè уште активна и ако тие бидат уапсени во трета земја, ќе бидат екстрадирани во Македонија.

„Доколку истите лица бидат најдени во трета земја, надвор од границите на Република Косово и на Република Македонија, ќе се постапи по барањето за екстрадиција на Министерството за правда на Република Македонија“, велат од Основниот суд Скопје 1.

Демири и Исмаиловиќ во Македонија се осудени на доживотни затворски казни, како првообвинети за петкратното убиство што се случи на Велики четврток, во април 2012 година, кај Смиљковско Езеро во близина на Скопје.

Кон средината на декември, Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепнета пресуда со која шестмината обвинети за убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се осудени на доживотен затвор. На Демири и на Исмаиловиќ им се судеше во отсуство.

И покрај судската разврска, контроверзиите околу целиот случај „Монструм“ продолжуваат. Адвокатите на осудените, но и политички партии и функционери, меѓу кои и министерот за правда, Аднан Јашари, неколкупати побараа овој случај да го преземе специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...