Косовските пратеници претпладнево ги изгласаа трите закони кои се однесуваат на промена на мандатот на Косовските безбедносни сили (КБС) во војска, со што Косово и официјално влезе во процес на добивање своја армија.

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, порача дека војската е на готовс.

Седницата на косовскиот парламент, започна со едноминутен молк во знак на почит за, како што рече парламентарниот спикер Кадри Весели, „сите поколенија кои во различни околности, ги жртвуваа своите животи за овој ден“.

– Да ги испочитуваме генерациите на политички затвореници, студентите од студентските движења, интелектуалците и рударите на Косово. Да ги испочитуваме нашите сонародници секаде низ светот, политичките дејци на мировниот отпор, момчињата и девојките на Ослободителната војска на Косово. Ние денеска стоиме тука благодарение на таа натчовечка жртва, горди на минатото и сигурни во нашата евроатлантска иднина – изјави Весели.

Првиот закон што е донесен е законот за трансформација на косовските безбедносни сили во министерство за одбрана, а вториот за трансформација на КБС во оружени сили. Во 11:20 усвоен е и последниот, третиот закон, за служба во безбедносните сили со што официјално заврши процедурата за формирање косовски оружени сили.

-Со ова гласање денеска почнува една нова епоха за нашата држава. Од овој момент официјално имаме војска на Косово – рече Весели.

Министерот за одбрана на Србија Александар Вулин изјави дека е направена процена на ситуацијата на Косово и Метохија и дека за сѐ е информиран и српскиот претседател Александар Вучиќ.

-До доцна синоќа имавме средби со претседателот на Србија и врховен командант на српската војска Александар Вучиќ. Тој е информиран за секој детаљ за сѐ она што се случува на просторот на Косово и Метохија, не само од претставниците на српската војска, туку од сите безбедносни служби – кажа Вулин.

Тој додаде дека српскиот претседател е многу загрижен и заинтересиран за сѐ што се случува на просторот на Косово и дека сите одлуки ќе ги донесе врз основа на директните информации за сѐ што се случува на тој простор.