Користењето на алтернативните горива ќе го намали загадувањето


       
Скопје, 18 јуни, 2018 - 12:13 (META) 

Употребата на алтернативните горива во индустријата ќе донесе видливи придобивки за животната средина, за општеството и за економијата на земјата и затоа нивната употреба во Македонија треба да се охрабри и стимулира, по примерот на развиените земји и членките на Европската Унија.

Ова е еден од заклучоците и препораките на учесниците на панел-дискусијата посветена на темата за употребата на алтернативните горива во Македонија, во организација на Центарот за почисто производство при Машинскиот факултет во Скопје и УНИДО – Агенцијата за индустриски развој на Обединетите Нации.

„Во науката е постигнат прилично јасен консензус околу употребата на отпадот како гориво во индустријата, а особено за придобивките од тоа. Дефинитивно се работи за еколошко решение на проблемот со акумулирање и депонирање на отпадот и намалување на употребата на необновливите фосилни горива“, смета раководителот на Центарот за чисто производство при Машинскиот факултет во Скопје, Атанас Кочов.

Алтернативните горива се употребуваат во развиените индустриски земји и членките на Европската унија повеќе од 15 години. За овој временски период развиени се современи технолошки решенија кои овозможуваат нивна ефикасна употреба во индустријата, со што значително се намали потрошувачката на фосилни горива.

Во овoј сегмент лидер е Германија каде употребата на алтернативни горива заменува и до 65 отсто од фосилните горива во индустријата. Тоа влијаеше на намалување на емисиите на штетните „стакленички“ гасови во атмосферата, како и на загадувањето на водата и почвата.

Покрај ова, користењето на отпадот како гориво им овозможи на развиените земји да го сопрат ширењето на депониите и да создадат нови работни места во индустриските капацитети за подготовка и употреба на ваквиот вид горива.