Концерт на „Чалгија саунд систем“ на Халкидики за прослава на 8 Септември


       
Солун, 9 септември, 2016 - 10:36 (META) 

Пријатно изненадување за македонските туристи на Халкидики беше концертот на македонската група „Чалгија саунд систем“, кој го приреди конзулатот на Република Македонија во Солун за одбележување на 25-годишнината од независноста. Во релаксирана атмосфера, туристи од Македонија, Грција, Бугарија, Русија и од Романија во хотелски комплекс на Уранополи уживаа во звуците на традиционалната македонска чалгиска музика.

Добрила Грашеска од „Чалгија сауд систем“ во разговор за „Мета“ вели дека биле пријатно изненадени и почестени од поканата на македонската конзулка Маја Апостолова да настапат на денот на независноста на Македонија во Грција со сопствен концерт.

– Целата организација и моментот на нашиот настап беше волшебен. Местото е прекрасно, имавме многу публика и од Македонија, но и од Романија, Грција, Бугарија, Русија и сите внимателно го слушаа она што им го презентиравме – вели Грашеска.

Настапот траеше неколку часа, со изведба на околу 20 традиционални чалгиски песни и ора. Ова е прв концерт во Грција на „Чалгија саунд систем“ и од групата се надеваат дека ќе им отвори простор за повеќе контакти и настапи за поголема презентација на македонската традиционална музика пред грчката и пошироката публика. Грашеска вели дека настапувањето на денот на независноста во Грција било пријатен предизвик.

– Ова беше еден вид исчекор во непознато, но нè пречека убава енергија, убава атмосфера, убава публика, сите заедно уживавме. Навистина беше предизвик да се настапува на 8 Септември. Музиката е над политиката, музиката е нешто кое не е поврзано со другите чувства, таа е највозвишена од сите уметности и ние го искористивме тој момент и успеавме да направиме убава атмосфера за сите – вели Грашеска.