!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

„Конрад Аденауер“ жестоко ja искритикува ВМРО-ДПМНЕ


       
Бон, 22 декември, 2016 - 17:11 (META) 

Во анализа под наслов „Народот одлучи“, Фондацијата „Конрад Аденауер“ на германската владејачка конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, упатува остри критики за недемократско однесување на „сестринската“ партија во Македонија – ВМРО-ДПМНЕ, поради нејзиното одбивање да се реформира, дезавуирањето на државните институции, како и поради критиките кон странските амбасадори, пренесува „Дојче веле на македонски јазик“.

Анализата, потпишана од Јоханес Реј, наведува дека изборите, иако биле досега најслободните и најдемократски, не донеле политичка стабилност, туку, напротив, изминативе неколку дена се пример за „недемократско однесување пар екселанс“.

„Кризата во државата нема крај. Последиците би можеле да бидат и немири“, пишува Реј.

Тој оценува дека доколку СДСМ успее да освои уште едно пратеничко место по прегласувањето во Теарце в недела, тоа би им ги зголемило шансите за создавање коалиција, но, од друга страна, посочува дека „партијата на долгогодишниот премиер Никола Груевски уште пред одлуката на Управниот суд најави дека нема да учествува во прегласувањето“.

Анализата упатува серија критики кон ВМРО-ДПМНЕ, во кои се вели дека со губењето на 19 пратенички места, „гласачите ѝ испратија јасен сигнал за промени, сигнал кој ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа“.

„Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт. Со објавата на прогласот и говорот на Груевски пред седиштето на Државната изборна комисија минатата сабота, се попречуваат ДИК и Управниот суд, нивните членови се игнорираат и се затвора вратата за меѓународната заедница. Останува нејасно зошто партискиот врв, без потреба, уште пред одлуката за жалбите на опозицијата, ѝ го соопшти ова на јавноста. Очигледно не постои никаква доверба во државните институции“, се вели во анализата.

Во неа понатаму се критикува создавањето „непријателски имиџ“ кон странците од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Легитимно е да се критикува политичката улога на некои амбасадори и не секогаш вештата посредничка улога на Европската Унија. Но, да им се префрла на амбасадорите и на странските претставници за мешање во внатрешните работи и за директно влијание врз работата на поединци во ДИК е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми. Заканата, преку нова финансиска регулатива да се потчинат невладините организации, нема да успее. Демократијата мора да поднесе и спротивно мислење“, се наведува во анализата.

Околу можниот исход од изборите и идните коалиции, Фондацијата „Конрад Аденауер“ прогнозира дека досега владејачката ДУИ, поради големите изборни загуби и внатрепартиски превирања, „нема повторно да коалицира со конзервативците“, јасно алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Следните недели ќе бидат возбудливи. Од нови избори напролет заедно со локалните избори, па сè до отворена борба за превласт, сè е можно. Никој не може да гарантира дека ќе остане мирно. Додека обичните луѓе луто гледаат од страна, атмосферата кај членовите на сите партии е многу напрегната. Партиските лидери имаат обврска да бидат воздржани во реториката, да дејствуваат смирувачки пред своите поддржувачи и да не го закопуваат легитимитетот на државните институции. Со големата излезност на изборите, гласачите ја покажаа својата зрелост и со својот глас побараа промени во политичкиот естаблишмент. Но, нивната желба за политичка стабилност и нормалност и понатаму не се почитува. Личните интереси повторно се ставаат над добробитта на заедницата. Македонија загазува уште подлабоко во криза“, заклучува фондацијата „Конрад Аденауер“.

Фондацијата „Конрад Аденауер“ е активна преку своја канцеларија во Македонија од 2000 година. Оттогаш, Фондацијата која важи за блиска до германската конзервативна Христијанско-демократска унија (ЦДУ) поддржала бројни проекти за евроатлантската интеграција на земјата. Притоа, преку разни семинари, конференции и работилници се обучуваа и политичари, новинари и општествени чинители. Особено блиска соработка оваа фондација има со ВМРО-ДПМНЕ, која важи за сестринска конзервативна партија на германската ЦДУ.