Конференција „Е-општество“ во организација на „Метаморфозис“ се одржува во Скопје


       
Скопје, 22 ноември, 2017 - 9:29 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ денеска 13. пат ја организира меѓународната конференција „Е-општество“, која оваа година ќе биде на тема „Слобода и приватност“, со особен фокус на реформите во областа на медиумите.

Конференцијата ќе се одржи во хотелот „Холидеј ин“, со почеток од 10 часот.

На настанот, во четири одделни сесии ќе дебатираат и ќе дискутираат дваесетина претставници на институциите, медиумските организации и на граѓанскиот сектор, со крајна цел – да придонесат за зајакнување на јавната свест за реформските приоритети и за предизвиците во медиумската сфера. Учествуваат претставници на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ЗНМ, ЦРМ, ДЗЛП, Асоцијацијата „Зенит“, „Евротинк“, на кабинетот на министерот задолжен за комуникации, отчетност и за транспарентност, Советот за етика во медиумите, Здружението на обвинители, Здружението на судии и, секако, на Фондацијата „Метаморфозис“.

На отворањето воведен збор ќе дадат министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, Фани Каранфиловска-Пановска, како и претставничката на управниот одбор на „Метаморфозис“, Радмила Живановиќ.

Според извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, „Е-општество“ е конференција која е замислена како заеднички простор за вмрежување и за споделување искуства, но и можност за информативна јавна дебата, како основен услов за меѓусебна комуникација помеѓу носителите на одлуки, невладините организации и медиумите.

– На крајот, конференцијата ќе остави можност за креирање коалиција на граѓански организации и на медиуми за надзор и за застапување на исполнувањето на реформите – вели Јашари.