Конечно почна со работа малиот групен дом за деца во Тимјаник


       
Неготино, 20 јули, 2018 - 14:18 (META) 

Официјално со работа денеска почна новиот мал групен дом во Тимјаник, неготинско, чие отворање на почетокот на јуни беше одложено поради противењето на жителите.

Сега тоа е минато и во домот од денеска ќе бидат сместени четири деца од Специјалниот завод Демир Капија. На отворањето на домот присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска,  постојаната претставничка на ОН во земјава Луиза Винтон, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и градоначалникот на Неготино, Тони Делков.

– Недоразбирањата во Тимјаник се надминати, а децата се преселени во малиот групен дом. Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани. Жителите ни дадоа поддршка на она што го правиме. Верувам Тимјаник ќе биде и ќе остане симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа – изјави министерката Царовска.

Во новиот мал групен дом децата ќе имаат 24 часовна поддршка од лични асистенти, специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на училиштето и локалната заедница ќе им овозможи на овие деца полесно и побрзо да се вклопат во општеството.

-Со отворањето на малиот групен дом денес правиме нов чекор кон трансформација на големите институции и обезбедување семејна грижа за секое дете. Заедно со Владата и другите наши партнери секој ден сме се поблиску до остварувањето на заложбата на Владата за ставање крај на институционалната грижа за деца помали од три години до 2020 година – изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.