Компјутерска софтвер програма неселективно ќе им го враќа ДДВ на фирмите


       
Скопје, 4 јануари, 2019 - 14:48 (META) 

ИТ Секторот на Управата за јавни приходи (УЈП) развил компјутерски софтвер кој автоматски ќе прави поврат на ДДВ кон фирмите и пребивање на претплата на даноци кон сите даночни обврзници, соопшти денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски ја посетија Регионалната дирекција на УЈП во Скопје.

Според министерот Тевдовски, со новиот систем ќе се прави неселективен поврат на ДДВ.

– Преку развојот на модулот за автоматско пребивање се воспостави систем за неселективен и автоматски поврат на даноци кон даночните обврзници. Пример за тоа е повратот на ДДВ кон претпријатијата во 2018, кој беше брз и неселективен. Минатата година реализираниот поврат на ДДВ изнесува 23,1 милијарда денари и тој е за 19,3 отсто повисок од 2017 година – рече министерот за финансии Тевдовски.

Според Лукаревска, за подобро функционирање и давање на подобри услуги на граѓаните и фирмите, УЈП оди кон автоматизирање на процесите, во што влегува и платформата е-персонален данок и претпополнетата даночна пријава.

– Со задоволство можам да кажам дека веќе имаме 100 отсто успешност на реформата е-персонален данок, системот на којшто се регистрираа 656.000 граѓани, а се уште се регистрираат и физичките лица кои до тој рок не го направиле тоа. Успешната реализација е благодарение и на сите граѓани коишто и дадоа шанса на оваа реформа и соработуваат со Управата за јавни приходи. Од 1 јануари веќе започнавме со подготвување на претпополнета Годишна даночна пријава којашто ќе им биде доставена на сите физички лица регистрирани на е-пдд, по што од нив ќе чекаме потврда или корекција, со што верувам дека целосно ќе заокружиме еден успешен процес-рече директорката на УЈП Лукаревска.