fbpx

Компаниите тактизираат и чекаат политичка разврска

-

Последните податоци од извештајот на Народна банка, говорат за пад на економските показатели во многу значајни сегменти, како што се инвестициите, индустриското производство, дефицит во надворешната трговија.

Бизнис-секторот е во очекување на завршница од политичката криза и ако состојбата потрае, ќе продолжи да се оди во надолна линија.

Сите активности се одложени за некои подобри времиња, се тактизира во однос на управување со капиталот.

– Политичката криза влијае врз етичкото водење на бизнисот и одговорноста на првите луѓе на компаниите. Тие тактизираат и очекуваат да се случи нешто специјално, без разлика каков ќе биде исходот, дали ќе има или не избори – изјави за „Мета“, Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавци.

Според него, има намалување во делот на сервисирање на тековните обврски, односно послабо се намируваат долговите.

– Иако бизнисот не треба да биде зависен од политиката, се покажа дека е. Сите се воздржани и во очекување. Деловна тајна е и дали има намалување во однос на државните јавни набавки, како и на градежните активности кои на некој начин ја придвижуваа економијата. Застојот во овие сегменти се ефектуира врз работењето на компаниите и тоа влије општо врз потрошувачката. Тоа е еден синџир во кој сè е поврзано – додава Бошков.

Оние компании кои имаат обврски спрема банките и работат според финансиски план и програма, не се откажуваат од активностите и се однесуваат според договорите, иако и тука има некоја резерва.

Бошков додава дека секоја компанија реагира различно во зависност од сопствената перцепција, но она што го научиле од оваа криза е дека во иднина бизнисот не треба да биде премногу зависен од јавните набавки и од државата. Тој треба да се одвои и да го интересира домашниот и надворешниот пазар.

Според бизнисменот Трифун Костовски, странските инвестиции не можат да бидат тие врз кои ќе се развива економијата. Според него, да беше така, високо-развиените економии ќе се потпираа токму врз нив, наместо да го развиваат домашното стопанство и реалниот сектор.

– Странските инвестиции се номадски, тие се селат кадешто имаат бенефиции. Во развиените земји не се дозволува привилегирано производство, кое ја урива домашната економија. Потребен е развој на инфраструктурата и силна концентрација на тоа, бидејќи се отвора простор за развој на домашното стопанство – вели Костовски.

Тој додава дека македонските компании, за разлика од тие во слободните економски зони, немаат ветер во грбот кој ќе ги турка да се развиваат.

– Секое доаѓање на странски инвеститор значи земање корка леб од наш граѓанин, за да му се даде нему како помош. Особено зашто во компаниите во слободните економски зони владеат робовладетелски односи и високо-квалификуван кадар е ниско платен. Секоја финансиска дупка државата ќе ја покрие, но губењето на човечки кадар е зло кое може да ѝ се случи на една држава. Најголем капитал на една држава и компанија, е човекот – вели Костовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.