!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Комисиската расправа за ребалансот на буџетот ќе продолжи и денеска


       
Скопје, 22 јули, 2017 - 10:18 (META) 

Комисијата за финансирање и буџет денеска во 10.30 часот ќе го одржи петтото продолжение на седницата на која се расправа за предлогот на Владата за ребаланс на буџетот за 2017 година.

Пред почетокот на расправата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ остануваат на своите партиски ставови во однос на овој ребаланс. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „СДС бесрамно продолжува да ги задолжува граѓаните“, а од СДСМ, пак, дека „ребалансот на буџетот обезбедува повисоки плати за мотивирани работници и за задоволни граѓани.“

„Со поддршката за домашните претпријатија, првпат во историјата работниците во кожарската, текстилната и индустријата за обувки нема да бидат дискриминирани и ќе земаат идентична минимална плата како и работниците во другите индустрии. Покрај зголемувањето на минималната плата, владата ќе ги субвенционира годишните одмори на најниско платените работници и ќе донесе пакет-мерки со кои ќе се изедначат условите за работа на домашните со странските инвеститори“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека граѓаните сакаат да знаат зошто државата се задолжува со 70 милиони евра за два месеци.

„Владата на СДС со ребалансот на буџетот предвидува зголемување на задолжувањето за 150 милиони евра повеќе од планираното. Дали владата на СДС планира да ја потроши на дадените ветувања за минимална плата од 16.000 денари, просечна плата од 30.000 денари, на плата од 100.000 денари за докторите или, пак, планира овие пари да ги потроши на партиски вработувања, набавки на октоподи, морски плодови и аранжирање цвеќиња“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.