This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sun Dec 17 2:11:59 2017 / +0000 GMT

Комисиската расправа за буџетот закажана за 11 часот, останаа уште 100 амандмани




Третото продолжение на 12. седница на Комисијата за финансирање и буџет, на која се води амандманска расправа за предлог-буџет за 2018 година, е закажано за во 11 часот. Останаа уште околу 100 аманмани за кои пратениците треба да расправаат.

Вчера, второто продолжение на седницата заврши околу 21 часот и беа разгледани околу 170 амандмани од вкупно 279, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса.

На расправата, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, беа прифатени шест амандмани, четири од ВМРО-ДПМНЕ и два од Беса, додека осум беа повлечени од  пратениците на Беса, кои учествуваа во расправата.

Според пратеникот на СДСМ, Јован Митревски, прифаќањето на амандманите на опозицијата значи дека власта сака да биде конструктивна и да соработува со нив.

– Предложените амандмани ги делиме на добри и на лоши, а не од кого се предложени. Потребно е да се разгледат добрите предлози и за нив да се одвојат пари од предлог-буџетот – рече Митревски.

Комисијата ги прифати амандманите што се однесуваат на субвенции за печки на пелети, ТИР-зоната во Куманово, изградба на колекторски систем во Неготино, решавање на проблемот со депонијата во Струга, изградба на детски парк во Нерези, Општина Карпош.

Васко Ковачевски, кој претседава со Комисијата за финансирање и буџет, во изјава за „Мета“ рече дека амандманската расправа може да заврши и денеска, односно побргу од предвидениот рок од 10 дена, бидејќи законот го дозволува тоа.

Post date: 2017-12-07 09:15:09
Post date GMT: 2017-12-07 08:15:09
Post modified date: 2017-12-07 09:15:09
Post modified date GMT: 2017-12-07 08:15:09

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team