!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Колариќ: Анѓушев се грижи единствено за профитот на своите фирми


       
Скопје, 10 септември, 2017 - 13:20 (META) 

Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека скандал од невидени размери е тоа што вицепремиерот во Владата, Кочо Анѓушев, си доделил преку државната ЕЛЕМ тендер во износ од 2,6 милиони евра на фирма која е во негова сопственост, „Фероинвест“.

– Ваквиот криминален тендер покажува дека Кочо Анѓушев само го пресликува работењето на неговиот ментор Зоран Заев, кој преку Општина Струмица ја празнеше општинската каса. Неиздржано и потценувачко е правдањето на милионерот Анѓушев дека тој не бил управител туку само сопственик на фирмата „Фероинвест“. Тоа значи дека парите повторно завршуваат во неговиот џеб. Внимавајте, криминалниот тендер на ЕЛЕМ ќе овозможи вицепремиерот Кочо Анѓушев да го зголеми своето богатство на повеќе од 30 милиони евра и тоа на грбот на граѓаните на Република Македонија. Очигледно дека криминалната влада на Социјалдемократскиот сојуз ја интересираат само тендерите и енормното богатење на клановите на власт. Анѓушев единствено се грижи за профитот на своите фирми, бидејќи за работа во интерес на граѓаните видовме дека не го бива – рече Колариќ.

Таа додаде дека обвинителството треба да утврди кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот припаднал во рацете на фирмата на вицепремиерот Анѓушев и дека е потребно поништување на тендерот и оставка на Анѓушев.