fbpx

Кој ќе го замени Груевски – Јолевски, Бесими или Попоски?

-

Во јавноста малку шпекулации има за тоа кој е најсериозен кандидат за да го замени премиерот Никола Груевски иако роковите за негова смена веќе почнаа да течат.  Во Договорот од Пржино е предвидено дека премиерот ќе се повлече од функцијата 100 дена пред парламентарните избори, кои треба да се одржат на 24 април 2016 година, а новата влада треба да биде инаугурирана на 15 јануари.

Тоа што како најтазе шпекулација го изнесе новинарката Мирка Велиновска, е дека премиерската фотелја се грее за сегашниот министер за одбрана, Зоран Јолевски.

„Немојте да си мислите дека народот ќе зјае во празно ако му соопштите дека иден технички премиер ќе биде Зоран Јолевски, кој за свој врховен командант го смета оној Џон Мекејн што ја среди Украина, ја храбреше ИСИЛ и ја промовира Ал каеда како американска пешадија. Да не си мислите дека не ни текнува дека во таков случај следниот чекор ќе биде заминувањето на Груевски од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ и политиката. Да не фати десетта рунда со директ, а без воздух и во бесознание пред избори“ – напиша таа.

Ако ги тргнеме на страна шпекулациите од типот дека новиот премиер ќе биде личност од доверба на Груевски и од неговото најтесно опкружување, малку имиња досега се свртеа што по политичките кругови, што низ социјалните мрежи и во неврзани разговори, за тоа која е достојната замена на претседателот на Владата, кој по 10 години беше натеран да се повлече од функцијата.

Имињата што во јавноста се споменуваат почесто се шефот на дипломатијата, Никола Попоски, кој, од друга страна, е член на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, но и вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

Исто така, политичките кругови ги исфрлаат и имињата на пратеникот Антонио Милошоски и на министрите за здравство и за финансии, Никола Тодоров и Зоран Ставрески.

Сепак, сето ова е во рамките на политичката шпекулација, а не се исклучува и можноста сето тоа да е „патка“ за да се отргне вниманието од вистинската личност.

Иво Котевски, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека партијата нема да отстапи од роковникот предвиден со политичкиот договор.

– Кога ќе дојде време, ќе бидете информирани – е кусиот одговорот на Котевски, на прашањето кој ќе го замени Груевски.

Минатата недела, пак, на промовирањето на проектот „Купи куќа за млади“, премиерот Никола Груевски рече дека датумот на повлекување од функцијата ќе биде познат кога ќе му дојде времето, во согласност со законскиот рок. Тој избегна да одговори кој од редовите на партијата би можел да биде негов наследник.

Вчера, пак, еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, испратил писмо до политичките лидери потписници на Договорот од Пржино, во кое ја изразува својата загриженост поради пробивањето на роковите за имплементација на договореното, јави „ТВ Шења“.

Поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере, во колумна пред извесно време напиша дека единствената надеж за Македонија да излезе од оваа криза е предвремените избори да се одложат за барем три до шест месеци. Тој потоа наведува дека изборите не би требало да се одржат тогаш, па дури и по цена одложувањето да значи пролонгирање на мандатот на сегашната Влада по 15 јануари како краен рок.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...