fbpx

Кој е шеф кога Иванов е на пат, а нема претседател на Собранието?

-

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска и утре е во официјална работна посета на Азербејџан, во време кога Македонија се наоѓа во длабока политичка криза и во тензична атмосфера со блокирани институции, откако тој одби да му го даде мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Медиумите најавија и посета на Иванов на Австралија кон крајот на месецов, која би траела неколку дена подолго од таа на Азербејџан.

Според Уставот, претседателот ја претставува Република Македонија и е врховен командант на вооружените сили на Македонија.

Членот 82 од Уставот предвидува дека при спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Собранието го заменува претседателот на Републиката.

Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието. Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност. Во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието. Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.

Но, претседател на Собранието сè уште нема. Иако Собранието се конституираше на 30 декември лани, 19 дена по одржаните предвремени парламентарни избори на 11 декември, пратениците веќе два и пол месеци немаат одржано ниту една седница ниту, пак, гласале за претседател на законодавниот дом.

Иако изборот за претседател на Собранието не зависи од доделувањето на мандатот од претседателот Иванов за формирање на нова влада, сепак партиите чекаа Иванов да го додели мандатот за да го свикаат Собранието и да изгласаат претседател.

Уставните експерти сметаат дека, сепак, отсуството на Иванов нема некаква поголема импликација, освен моралниот аспект, кога шефот на државата е отсутен во момети на институционална и на политичка криза во државата.

На оваа тема разговори вчера имале лидерите на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Ахмети по средбата соопшти дека со Заев разговарале и за продолжување на конститутивната седница на Собранието како една од опциите.

– Неопходно е да се најде начин, со најдобра намера, како да профункционира највисокиот законодавен орган, Собранието на Република Македонија и како да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите со кои треба да се води државата. Најнеопходно е прашањето на конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави во функција Собранието и да се изберат собраниските органи, да се направи официјално барање од Собранието, од претседателот на Собранието на Република Македонија, до претседателот на државата, за да се даде мандат за формирање на новата влада – рече Ахмети.

Во моментот најважен човек во државата е премиерот Емил Димитриев, кој е технички премиер сè до формирањето на новата влада, но истовремено е и пратеник во Собранието. Димитриев, според Договорот од Пржино, беше поставен на чело на владата како технички премиер за спроведување на изборите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...