Во Скопје протеран руски дипломат, во Москва почнаа „Денови на македонската зимница“


       
Москва, 27 март, 2018 - 11:19 (META) 

Додека во Македонија, МНР донесе одлука за протерување на руски дипломат заради случајот „Скрипал“, во исто време во Москва почна манифестацијата „Денови на македонската зимница“ која од вчера се одржува во огромниот комплекс „Фуд сити“ во Москва.

На оваа манифестација која ќе трае до утре, настапуваат пет македонски компании.

„Најголемиот интерес се очекува да предизвика ајварот, но промоција ќе биде направена и за останати производи пиперки со урда, корнишони, гамби, лутеница, слатка и пекмези од овошја кои во Македонија ги има во изобилство. Контактите со руските увозници ќе им помогне на македонските преработувачи навремено да го испланираат претстојниот годинашен откуп на свежи земјоделски производи и преработувачките количини, но истовремено ја отвара и вратата за поголемо присаство и на останатите македонски производители“, објавено е на веб-страницата на Македонско-руската стопанска комора.

Вчера македонските бизнисмени посетија неколку големи трговски маркети во главниот град на Руската федерација со цел да се запознаат со асортиманот, начинот и основните услови кои треба да ги имаат производите за да се најдат на рака на руските потрошувачи.

Извозот на македонски земјоделски производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се праските, доматите, зелката, сливите, цигарите. Извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Македонија во Русија во 2017 година изнесува 30,2 милиони евра. Русија е заинтересирана за извоз на житарици во Македонија, а најмногу за извоз на пченица.