Во вонредната техничка проверкa на 21 февруари, сообраќајната полиција во Скопје исклучи од сообраќај 14 автобуси, сопственост на 11 приватни компании. Ниту една од компаниите не врши јавен градски превоз внатре во Скопје, известува „Порталб.мк“.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Порталб објаснуваат дека на 21 февруари биле контролирани сите автобуси што се движеле низ Скопје, независно вршат јавен градски превоз или пак нивното поаѓалиште или дестинација било Скопје.

Според информации до кои дошол новинскиот сајт, од сообраќај биле исклучени автобусите на компаниите: „Еуролинија”, „Хак Комерс”, „Елма Транс”, „Харун Бус”, „Блета Транс”, „Корблич Комп”, „Ангел Транс”, „Зенко Промет”, „Лиро Дооел” и “Ассум Компани”.

Освен две фирми – „Еуролинија“ и „Хак Комерц“ – другите воопшто не тргнуваат или не пристигнуваат на Скопската автобуска станица.

„Еуролинија” вози до дестинациите: Хани и Елезит (Косово), Качаник (Косово), Урошевац (Косово), Приштина (Косово), Кичево (Македонија) и Струга (Македонија), додека „Хак Комерц” за Риети (Италија), Братислава (Словачка) и Тирана (Албанија).

За „Елма Транс” се знае дека превезува патници до скопските села, додека „Блета Транс” превезува патници за Попова Шапка. Двеве фирми имаат само фан страници на Фејсбук, а немаа свои веб страници. Другите немаат ниту веб-стрaници ниту фан страници.

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – Скопје не биле контролирани од сообраќајната полиција, додека автобусите на другите две компании од јавниот градски превоз – „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ биле проверувани. Против овие две компании се поднесени 10 прекршочни пријави, но ниту еден нивни автобус не е исклучен од сообраќај.

Инаку, вонредната проверка на автобусите во Скопје се случи по автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари, која однесе 15 човечки животи, а 31 лице беа повредени.

Автобусите и минибусите со кои патуваат нашите граѓани, во и надвор од Македонија, се со просечна старост од над 18 години, покажуваат статистиките на Државниот завод за статистика за 2017 година, последната година за која има официјални податоци. Истовремено, бројот на регистрирани автобуси и минибуси бил 3.200. Овие бројки се променети многу малку во последните 10 години, односно просечната старост во овој период е скоро иста и изнесува околу 17,7 години.