Наоѓање на локација за изградба на катна гаража, решавање на проблемите со јавниот паркинг, дислокација на Градскиот пазар од строгиот центар и нови паркови, беа главните барања и предлози на граѓаните на Кочани на јавната презентација на Буџетот на Општината за 2019 година која се одржа вчера. Новата проекција на буџетот, проектите и плановите како да се трошат граѓанските пари ги претстави градоначалникот Николчо Илијев.

-Буџетот за 2019 година е проектиран на 185 милиони денари. Има зголемување на средствата за инфраструктурата од 61 милион на 75,5 милиони, а сето ова зборува за нашите намери за економично, планско и рационално работење – рече градоначалникот.

Намалена е проекцијата на општинскиот буџет за 2019 година. За тековната година 2018-та, Буџетот беше проектиран на 205 милиони денари, но очекувањата се дека до крајот на годината ќе биде реализирани 175 милиони денари.

Централната власт забележува на досегашното нереално планирање на општинските буџети, при што се забележување и до 40- 50 отсто отстапување на реализацијата од планираното. Поради тоа, за следната година општинските буџети не смеат да бидат поголеми за 10 отсто од реализираното од претходната година.