!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Коалиционите партнери го поддржаа Груевски, но негодуваат за албанската платформа


       
Скопје, 10 јануари, 2017 - 17:59 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска одржа средба со лидерите на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“, на која главна тема биле резултатите од предвремените парламентарни избори.

– Главна тема е анализата на изборните резултати, односно сите претставници на политичките партии ги предочија своите видувања околу ангажманите и резултатите и за сето она што се случи во Република Македонија на денот на изборите. Беа давани различни идеи како понатаму коалицијата да постапува, при што беше потврден целокупниот легитимитет и целокупната поддршка што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ сега, како мандатар, ја има од коалицијата „За подобра Македонија“ – изјави Илија Димовски, член на извршниот комитет на партијата и пратеник.

Во врска со заедничката платформа на албанските партии и најавените преговори со ДУИ, Димовски истакна дека насоките за преговори се составен дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата.

– Доколку ме прашувате во врска со позициите на ДУИ, би сакал да кажам дека ние ги соопштивме нашите ставови преку интервјуто на претседателот Никола Груевски. На денешната средба видливо беше негодувањето, особено од страна на претставниците на политичките партии што ги претставуваат помалите етнички заедници во врска со таа платформа и евентуално сведување на целата дискусија на некаков си бинационален дијалог помеѓу етничките заедници – рече Димовски.

Тој, сепак, не прецизираше кога ќе почнат преговорите со ДУИ за формирање влада.

– Роковите се јасни, така што мислам дека нема ништо спорно околу тоа – рече Димовски, притоа упатувајќи на информации од партиските прес-служби.