fbpx

Коалиција за промени и правда порача: Не плашете се, режимот ќе падне!

-

Коалиција за промени и правда – Трет блок, која е предводена од Демократскиот сојуз, денеска во Скопје ја почна изборната кампања со слоганот „Не плашете се, режимот ќе падне!“

Носителот на листата во првата изборна единица, лидерот на ДС, Павле Трајанов, рече дека неговата партија и нивните кадри, уште во 90-тите години на минатиот век, кога се поставувале темелите на државата, го покажале патриотизмот и најави демонтажа на режимот и на криминалот.

– Ќе се справиме со мафијата! Им порачувам, ако и понатаму ги држат „желбата“ и алчноста за пари, имам решение за нив: ќе им отвориме бизнис-центар во „Идризово“, таму ќе ги собереме сите нив, каде ќе можат следните дваесет години да „заработат“ и да бидат пример за сите функционери за тоа каде ќе завршат ако го крадат народот – изјави Трајанов.

Тој рече дека во нивната програма има итни економски мерки за стабилизација, за спречување на иселувањето и за намалување на сиромаштијата. Според програмата, најниската пензија ќе изнесува 200 евра, најниската плата ќе биде 300 евра, а два отсто од буџетот на државата ќе биде наменет за вработување на младите. Коалицијата планира исти услови за бизнис на домашните и на странските компании, кои инвестираат и отвораат нови работни места. Од Трет блок најавија чистење на судството од сите партизирани и платени судии, деблокирање на евроатланските процеси и влез во НАТО и во ЕУ под уставното име Македонија.

Носителот на листата во четвртата изборна единица, Слободан Богоевски, рече дека македонскиот народ на 11 декември ќе има можност првпат по 1990 година да гласа за народни пратеници, а не за поданици.

Весна Стоименовска, која ја предводи кандидатската листа во третата изборна единица, рече дека ќе се работи на враќање на редот во државата и оти недозволиво е законите да не важат за тие што ги создаваат.
Лидерот на ФРОДЕМ, Јове Кекеновски, кој е носител на коалициската листа во втората изборна единица, рече дека за разлика од другите, нивната коалиција нуди едуцирани, стручни и, пред сè, чесни кандидати за пратеници.

– Значи, не ви понудивме кандидати за пратеници на кои функцијата пратеник им е потребна за потоа да го дозавршуваат факултетот, како, на пример, онаа, „не сам знајала“, или, пак, од позиција на министер да магистрираат или да докторираат, како онаа бивша министерка вплеткана во сите афери за да на крај да стане и таа жртва на своите во аферата со прислушувањето на речиси 6.000 личности. Од оваа афера, како и од најголемиот во историјата македонски барон Минхаузен се згнасија сите, па дури и канцеларката Меркел – рече Кекеновски.

Трајанов, на крај рече дека граѓаните на 11 декември одлучуваат „да се биде или не“ и ги повика довербата да ја дадат на кандидатите за пратеници од Коалицијата за промени и правда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...