fbpx

Кљусев: Не останувам во САД, се враќам во Македонија и ќе се кандидирам за премиер

-

Људмил Кљусев, синот на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, останува во притвор поради, како што проценил судот во САД, опасност од бегство, пренесува „Ферфилд дејли војс“.

Кљусев, кој инаку работел како психијатар во САД, беше уапсен на 12 ноември, под обвинение дека на пацинетите им препишувал големи количества лекови „адерал“ и „занакс“ (кај нас познат под името „хелекс“), за кои тие му плаќале во готово.

Заедно со Кљусев беше уапсен и Душан Босотов, вработен во неговата ординација во Милфорд.

На сослушувањето за да се утврди дали треба да остане во притвор или ќе биде пуштен да се брани од слобода, Кљусев, меѓу другото, изјавил дека „нема повеќе желба да се занимава со медицина“ и дека „сака да се врати во Македонија и да се кандидира за премиер“.

Од обвинителството како образложение за одлуката Кљусев да остане во притвор навеле дека кај него постои „значителна желба да ја напушти земјата“ и потсетиле дека за кривичното дело за кое се товари е предвидена максимална казна од 20 години затвор.

Како што стои во текстот, дополнително било посочено и дека Кљусев покрај американско, поседува и канадско и македонско државјанство. Било нотирано и дека тој патува еднаш месечно во Македонија, во посета на своите мајка и сестра и дека неговата сопруга и трите деца, исто така, имаат македонско државјанство.

Од обвинтелството, покрај тоа, соопштиле дека психијатарот поседува значителна сума пари во Македонија, односно околу 873.000 американски долари на банкарска сметка. На ова Кљусев реагирал дека сумата, наводно, се движела околу 10.000 долари.

Во истрагата за откривање на криминалот на Кљусев биле користени заштитени сведоци и полицаец кој се претставил како пациент. Тие тврделе дека Кљусев им препишувал лекови без да ги прегледа, за што му давале пари. Наводно, тој и на Босотов му дозволил да пишува рецепти додека бил отсутен. Парите потоа ги користел за лични потреби, облека, патувања и за отплата на кредити.

Људмил Кљусев е син на Никола Кљусев, академик и прв премиер на независна Македонија.

Тој од претседателот Ѓорге Иванов го прими постхумното одликување „8 Септември“ што на неговиот татко му беше доделено за „трасирањето на патот на самостојната македонска држава, остварувајќи ја волјата на македонските граѓани непосредно изразена на референдумот за независност на 8 Септември“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...