fbpx

Кљусев, Мијалков, Груевски: Кум за кум, братучед за моќ

-

Људмил Кљусев, кој на 12 ноември беше уапсен во САД, под обвинение за нелегално дистрибуирање наркотици, е син на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев. На сослушувањето за да се утврди дали треба да остане во притвор или ќе биде пуштен да се брани од слобода, психијатарот Кљусев, меѓу другото, изјавил дека „нема повеќе желба да се занимава со медицина“ и дека „сака да се врати во Македонија и да се кандидира за премиер“. Тој останува во притвор поради, како што проценил судот во САД, опасност од бегство.

Семејството Кљусеви имало и има блиски роднински и пријателски врски со другите од т.н. „штипска група или лоза“ – Мијалкови и Груевски. На пример, Кљусев и тогашниот министер за внатрешни работи во неговата влада, Јордан Мијалков, освен политичката ги зближувала и кумовската врска.

Светоста на кумството и различниот вискозитет на крвта од оној на водата е во основата на македонските владејачки елити од осамостојувањето на земјава до денес.

Во 1991 година, првиот премиер на самостојна и независна Македонија, Никола Кљусев, за прв човек на едно од најважните, ако не и најважно министерство во тие турбулентни времиња, го назначува Јордан Мијалков, кој пред тоа е претставник на една од големите македонски фирми во Прага, Република Чешка. Малку е познато, но, за штипјани, од каде родум се Кљусев и Мијалков, како „добар ден“ е податокот дека двајцата се во роднинска врска. Поточно, Никола Кљусев му е кум на Јордан Мијалков, што најверојатно во добар дел му олеснило на Кљусев околу изборот на првиот министер за внатрешни работи.

Назначувањето на Јордан Мијалков ќе ги пушти никулците од кои по 15 години, ќе изникне актуелната владејачка постава, во чија срж се фамилијарните врски.

Јордан Мијалков е татко на Сашо и на Влатко Мијалкови и роден брат на Надежда, мајката на премиерот Никола Груевски.

По доаѓањето на власт во 2006 година, Груевски за прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) ќе го постави својот прв братучед, Сашо Мијалков, а другиот, Влатко Мијалков, ќе го инсталира на важна функција во Царинската управа.

Со друга врска, овојпат кумовска, Груевски во 2007 година ќе ја зацврсти својата соработка со вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Оваа практика се покажува како корисна и во релациите меѓу политиката, бизнисот и судството. Како што пишува „Нова Македонија“ во 2009 година, доскорешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, му е кум на познатиот македонски бизнисмен Орце Камчев.

Сашо Мијалков му е венчан кум и на главниот оперативен директор на „Македонски телеком“, Жарко Луковски, кој минатата година се венча со сопругата Ивана.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, пак, е во кумовска врска со поранешниот прв човек на Врховниот суд, Јово Вангеловски, а позната е и роднинската врска, која опозицијата одвреме-навреме ја посочува, меѓу Сашо Мијалков и првиот човек во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Јово Илиевски, кои се баџанаци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...